Се уште нема одговор од бугарска страна за средба, потврди Мицкоски

Се уште нема одговор од бугарска страна за средбата што ја побара шефот на македонската дипломатија по минатонеделната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен. Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека кога ќе добијат одговор, ќе го коментираат, а претседателката на Бугарија Илијана Јотова изјави дека Бугарија е подготвена за разговори но без ултиматуми и отстапки од европската политика.

Добив совет од страна на претседателката на Европската комисија, кој го прифатив. Го замоливме министерот за надворешни работи и надворешна трговија да побара средба, тој тоа го направи. Сè уште немаме одговор, коаг ќе добиеме, тогаш повеќе ќе можеме да коментираме, изјави денес Мицкоски.

Јотова пак вели дека е умерен оптимист и најави дека ќе побара од шефицата на бугарската дипломатија Петрова Чамова да ѝ ја даде на увид дипломатската нота од Муцунски, со барање за средба во Софија.

Сè уште не ги знам деталите од тет а тет разговорот со г-ѓа Фон дер Лајен. Се надевам дека овој пат таа беше исклучително цврста. За овој разговор да биде сериозен, г-дин Мицкоски мора многу добро да ја прочита европската политика во однос на проширувањето. Република Северна Македонија треба да заборави дека ова е билатерално прашање, како што тој се обидува да го претстави. Ние секогаш сме биле отворени за разговори со нив, но разговори без ултиматуми и без попуштање пред европската политика. Бугарија е дел од Европската Унија и не можеме да дозволиме земја што тргнала по европскиот пат да не ги прифати вредностите и доблестите на Европската Унија, а уште помалку да зборува со ултиматумски тон, но да останеме умерени оптимисти, вели Јотова.