Во Собранието дебата за измените на Законот за народниот правобранител

Потребата од измени и дополнувања на Законот за народниот правобранител, со акцент на финансиската и функционалната независност на институцијата, плурализмот и нејзините надлежности, ќе биде во фокусот на денешната дебата во Собранието.

Дебатата ја организира Канцеларијата на народниот правобранител, со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје и Канцеларијата на постојаниот координатор на Обединетите нации во Северна Македонија.

Настанот ќе го отворат претседателот на Собранието, Африм Гаши, народниот правобранител Фатон Сељами, амбасадорот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, евроамбасадорот Михалис Рокас и постојаната координаторка на Обединетите нации, Рита Колумбија.

Во фокусот на дискусијата ќе бидат предлог-решенијата за зајакнување на финансиската и функционалната независност на Народниот правобранител, обезбедувањето плурализам и унапредувањето на надлежностите на институцијата.

На крајот од дебатата, народниот правобранител ќе ги презентира заклучоците и следните чекори во процесот на изменување и дополнување на законот.