Предлог-измените на Законот за минимална плата со кој опозицијата бара таа да изнесува 600 евра се на дневен ред на денешната 125. пленарна седница.
Предлог-измените се ставени како 17 точка, а со нив се бара наместо сегашните 26.046 денари, минималната плата да изнесува 36.960 денари во нето износ.
Една минимална плата од 26.046 денари покрива само околу 37,9% од вредноста на минималната
синдикална кошница за четиричлено семејство, што значи дека за покривање на основните месечни потреби се потребни скоро три минимални плати. Доколку во трошоците се вклучи и закупнината за стан, една минимална плата покрива само околу 31% од потребните средства, посочува опозицијата.
Покрај зголемувањето на минималната плата, со предложеното законско решение се предвидува можност за обезбедување финансиска поддршка за работодавачите, преку субвенционирање на придонесите од задолжително социјално осигурување за зголемениот дел од платата.
На оваа седница има вкупно 25 точки за разгледување.