Како секој празник, така и вчерашниот 11 Октомври помина со пораки од политичарите за сплотеност и заедништво и за европска иднина на земјата во која економијата ќе расте, а младите нема да заминуваат, туку ќе ја градат својата иднина дома, во својата татковина.
И додека политичарите на секој празник испраќаат пораки за единство, достоинство, правда и европска иднина, реалноста останува непроменета. Истите ветувања се повторуваат од година во година, но граѓаните сè уште чекаат да ги почувствуваат промените во секојдневниот живот. Младите заминуваат, довербата во институциите е разнишана, а политичките поделби продолжуваат.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова повика на заедништво порачувајќи дека различностите не треба да бидат повод за делби, туку причина за учење едни со други и градење свест за заедничко добро.
Мора да градиме правна и демократска држава, но и граѓанско општесто во кое законите ќе важат за сите, институциите ќе им служат на сите, а сечие човеково достоинство ќе биде неприкосновена вредност. Секое поколение има свој испит пред историјата. Нашиот испит не е да раскажуваме, а уште помалку да ги повторуваме битките на претходниците, туку, да ги оживотвориме нивните подвизи: со знаење, наместо со незнаење; со право, етика и морал, наместо со самоволие; со единство, наместо со раздор; со заслуги, наместо со политички, партиски и статусни привилегии, порача Сиљановска-Давкова.
Со слична порака излезе и првиот човек на Собранието.
Само преку заедништво, заемна почит и почитување на различностите можеме да изградиме општество во кое секој граѓанин ќе се чувствува еднакво вреднуван и ќе има можност да придонесе кон заедничкиот напредок. Нека 11 Октомври биде потсетник дека слободата и достоинството се вредности што треба постојано да ги негуваме и браниме.
Премиерот Христијан Мицкоски со порака од Куманово дека во Европската унија ќе влеземе достоинствено, без свиткана кичма.
Вистинската европска иднина мора да биде иднина во која ќе влеземе со исправена глава а не со свиткана и понижена кичма, не со чувство на пораз и горчина, туку со чувство на припадност. Да, нашата цел е европската иднина, но држава која е сигурна во себе, во својата историја и во својата иднина. Достоинство кое не е предмет на преговарање. Сакаме европска иднина, сојузништво и пријателства, но со исправена глава, порача Мицкоски во обраќањето на централната свеченост.

Во својот говор не заборави да ја спомене опозицијата и да порача дека државата е поголема приказна од „сите кусогледи и лични интереси“.
Не смееме да бидеме заглавени, заробени помеѓу мочуриштето и талогот насобран со децении. Лошата вест е што тие го окупираат просторот внесувајќи лаги, сомнежи, подметнувања, создаваат немир, и постапуваат лукаво. Се радуваат на секоја лоша работа, а посакуваат и работат на неуспех. Се продаваат на оние кои немаат добри намери кон државата, за нивни најверни слуги, ортаци во намерата да ја видат државата на колена. Добрата вест е што се прочитана книга и им се гледа крајот, рече Мицкоски.
Опозицискиот лидер Венко Филипче со порака дека обврска на оваа генерација е да ја чува и развива државата и да создава подобра иднина за генерациите што доаѓаат.
Нашите предци се изборија да имаме своја држава. Наша историска задача е да се избориме нивната жртва да има смисла, Македонија – слободна, праведна, демократска и европска држава, во која младите ќе ја градат својата иднина, напиша Филипче на Фејсбук.

Говорите со вакви пораки се повторуваат речиси на секој празник, но прашањето е колку уште празници ќе поминат со исти пораки, а без конкретни резултати? Зашто, државата не се гради со говори и свечени пораки, туку со дела, одговорност и промени што граѓаните навистина ќе ги почувствуваат.