Мицкоски: Дел од доказите од истрагата ќе ги презентираме пред НАТО

Дел од доказите од истрагата што ја води МВР за случајот Ива Михајлова ќе бидат презентирани пред членките на НАТО со цел да се покаже однесувањето на земјите членки во вакви случаи, изјави премиерот Христијан Мицкоски.

Ние имаме истрага и дозволете да ја завршиме истрагата, а потоа дел од тие докази што ги има прво ќе ги презентираме пред нашите партнери во НАТО, за да покажеме како партнерските земји во НАТО се однесуваат. Овој упад што е направен, буквално е киднапирано лице кое сега е бегалец од правдата, нема да заврши вака едноставно. Но, исто така нема да дозволиме да бидеме жртва на емотивни реакции и ќе продолжиме со она што е наш интерес, а тоа е процесот на евроинтеграции и нема да ги напуштиме преговорите, напротив, ќе ги засилиме нашите барања за средби, за дијалог и за барање решенија, рече Мицкоски.

Повтори дека Бугарија со своите постапки си нанела дипломатска штета и дека кога-тогаш Михајлова и нејзиниот татко кој е правосилно осуден ќе бидат изведени пред лицето на правдата.

Со одговорот на бугарските власти, најпрвин паднаa во вода координираните напади коишто доаѓаат oд таму и од нашата опозиција дека нешто било договорено. Имавме ние барање за потерница и очекувам едниот којшто е првостепено осуден, тоа е родителот на Ива, да биде вратен, а Ива да дојде и да ја докажува својата невиност пред судовите во Македонија. И ние имаме свои алатки, свои механизми како да се бориме на меѓународна сцена. И повторно ќе го кажам она што го кажав вчера, дека овој неуспешен обид нанесе голема штета, дипломатска штета на владата во официјална Софија, тоа е нивен проблем, а наш проблем е бегалецот од правдата и бегалката да ги изведеме пред лицето на правдата, изјави Мицкоски.