Новата британска амбасадорка во Македонија, Маја Сивагнанам, денеска му ги предаде копиите од акредитивните писма на министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, со што ги започнува дипломатските активности во земјава, објави Британската амбасада на Фејсбук.
По средбата во Министерството за надворешни работи и надворешна трговија, Сивагнанам порачала дека за неа е чест да ја извршува функцијата амбасадорка на Обединетото Кралство во Северна Македонија.
Таа изрази очекување за надградување на стратешкото партнерство меѓу двете земји, продлабочување на соработката и заедничко дејствување како блиски партнери и сојузници во НАТО.
Како приоритети во билатералните односи ги посочи зајакнувањето на безбедноста, унапредувањето на трговската размена и создавањето услови за просперитет на двете земји.
„Чест ми е да служам како амбасадорка на Неговото Величество во Северна Македонија. Со нетрпение очекувам да го надградуваме стратешкото партнерство меѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија, да ја продлабочуваме соработката и да работиме заедно како блиски партнери и сојузници во НАТО за зајакнување на безбедноста, трговијата и просперитетот на двете земји“, порачала Сивагнанам.
Таа доаѓа на местото на Метју Лосон, кој оваа фукција ја извршуваше од 2022 година.