Стратешката поврзаност меѓу Европската Унија и Македонија, европската интеграција и нивното значење за стабилноста и развојот на регионот ќе бидат во фокусот на денешната панел-дискусија „Стратешка поврзаност за стабилност: ЕУ и Северна Македонија во новата геополитичка реалност“, организирана од Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје и Фондацијата „Конрад Аденауер“.
Настанот ќе го отворат Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“, и Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје.
На панелот ќе учествуваат вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, германската амбасадорка Петра Дрекслер, евроамбасадорот Михалис Рокас, Флориан К. Фајерабенд, заменик-раководител на одделот Европа/Северна Америка при Фондацијата „Конрад Аденауер“, и проф. д-р Иван Дамјановски од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.
Според организаторите, дискусијата ќе овозможи размена на ставови за улогата на стратешката поврзаност меѓу ЕУ и Северна Македонија во унапредувањето на стабилноста, отпорноста и развојот на државата и регионот, во време на значајни геополитички предизвици и промени во европската безбедносна архитектура.
Посебно внимание ќе биде посветено на политичките, економските и инфраструктурните аспекти на европската интеграција, како и на нивното значење во контекст на актуелните меѓународни случувања.