Светскиот ден на аудиовизуелното наследство во Кинотека

На 27 октомври (вторник), сите архиви, кинотеки, филмски музеи и институти во светот ќе го одбележат Светскиот ден на аудиовизуелното наследство со активности, промоции и настани со кои фокусот на светската јавноста го насочуваат кон значењето и ранливоста на аудиовизуелното наследство. Како дел од тоа големо семејство на професионалци и институции посветени на заштитата и сочувувањето на филмското културно наследство, и Кинотеката се вклучува со свои активности во одбележувањето на овој значаен ден.

Во таа насока, на 27 октомври (вторник) со почеток во 12 ч. во кинотечното кино ќе се одржи промоција на блу-реј изданието на македонскиот игран филм МАКЕДОНСКА КРВАВА СВАДБА на Трајче Попов од 1967 г., кој всушност претставува екранизација на истоимената драма на Војдан Чернодрински од 1900 г. Филмот беше дигитализиран во 2025 г. како дел од проектот „Сезона на филмски класици“ инициран и координиран од Асоцијацијата на европски кинотеки (АЦЕ) и поддржан од програмата Creative Europe MEDIA на Европската Унија. Во оваа пригода, на публиката ќе ѝ се обратат директорот на Кинотеката, Бошко Грујоски, м-р виш филмолог Александар Трајковски и м-р виш филмолог Дамјана Патчева, како промотори на изданието.

Истиот ден со почеток во 20:00 часот ќе биде прикажан ТЕТОВИРАЊЕ, со што ќе се одбележат 35 години од премиерата на филмот и 80 години од раѓањето на актерот Мето Јовановски.

Всушност цел октомври измина во знакот на заштитата на аудиовизуелното наследство со прикажувањето на наслови од македонската кинематографија кои годинава одбележуваат своевиден јубилеј.

Светскиот ден на аудиовизуелното наследство (WDAH – World Day for Audiovisual Heritage) е востановен во чест на донесувањето на Препораката за заштита и зачувување на подвижните слики од страна на 21. Генерално собрание на УНЕСКО во 1980 година. Три и пол децении подоцна, УНЕСКО ја дополни и прошири таа првична препорака со нова и во 2015 година беше усвоена Препораката за зачувување и достапност на документарното наследство, вклучително и она во дигитална форма.