Најмалку 26 лица се убиени откако израелските тенкови отвориле оган во близина на центар за помош во Газа, велат спасувачите, а 150 Палестинци се повредени, според болницата на Црвениот крст во Рафа. Како што пренесува Би-Би-Си, локалните жители изјавиле дека израелските сили отвориле оган во близина на центарот за помош во јужниот град на Газа.
Мохамед Гариб, локален новинар во Рафа, за Би-Би-Си изјави дека илјадници Палестинци се собрале во близина на центар за дистрибуција на хуманитарна помош поддржан од САД кога израелските тенкови се приближиле и отвориле оган врз толпата.
„Мртвите и ранетите лежеа на земја долго време. Спасувачките екипи не можеа да пристапат до областа, која е под израелска контрола. Ова ги принуди жителите да користат колички со магариња за да ги транспортираат жртвите до полската болница“, вели Гариб.
Израелските одбранбени сили соопштија дека во моментов не се свесни за повредите предизвикани од оганот на ИДФ во местото за дистрибуција на хуманитарна помош и додаваат дека случајот е во фаза на разгледување. Израел воведе целосна блокада на Газа и ја продолжи својата воена офанзива против Хамас на 18 март, со што го сруши двомесечното примирје посредувано од САД, Катар и Египет.
Израел започна воена кампања во Газа како одговор на прекуграничниот напад на Хамас на 7 октомври 2023 година, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе, а 251 други беа земени како заложници. Најмалку 54.381 луѓе се убиени во Газа за време на војната, според Министерството за здравство на територијата, управувано од Хамас.