Премиерот Христијан Мицкоски вечерва во гостување на „Сител“ го нападна Врховниот суд, обвинувајќи го дека донел „политички одлуки“ за поништување на пресудите во неколку големи случаи.
Тој го обвини Кривичниот оддел на Врховниот суд дека континуирано поништува предмети во кои се засегнати функционери на ДУИ и ги враќа на повторно судење во прв степен, со што, според него, се создаваат услови тие да застарат. Мицоски праша кој ја проверува одговорноста на највисокиот суд и ги повика медиумите да истражат кои судии ги носат ваквите одлуки.
„Јас зборувам за една мала група на луѓе, кои што ги контаминира другите луѓе. Еве да речеме каква е одговорноста на Врховниот суд? Дали некој прашува како работи Врховниот суд? Зошто Кривичниот оддел при Врховниот суд континуирано поништува дела каде што се засегнати функционери од ДУИ и ги враќа во прв степен за да застарат? Граѓаните се шокирани од ваквите одлуки“, рече Мицкоски.
Тој оцени дека и покрај тоа што во правосудството има квалитетни судии кои носат стотици одлуки засновани на правото, една ваква одлука може да го поништи нивниот труд и да ја наруши довербата на граѓаните во судскиот систем.
„Може да имате прекрасни судии, и има прекрасни судии со одлуки поврзани со правото стотици, но една ваква одлука сè поништува. Затоа што ова е политички сензитивна одлука, кога вие како судии во Врховен суд ќе вратите дело кое што поминало во Основен и на Апелација повторно на почеток, затоа што знаете дека тоа дело ќе застари и нема време лицето да биде правосилно осудено“, истакна премиерот.
Мицкоски ги повика медиумите да ги проверат судиите кои учествувале во донесувањето на одлуките за случаите „Ласкарци“ и „Модуларната болница“, како и причините поради кои биле донесени таквите одлуки.
Според него, ваквите одлуки предизвикуваат фрустрации кај граѓаните, но и кај него лично, бидејќи создаваат чувство дека нема борба против криминалот.
„Сте слушнале ли за отчет на Врховниот суд, еве за Кривичниот оддел? Сте виделе ли вие кои се таму судии во Кривичниот оддел? Еве проверете“, рече Мицкоски.
Тој рече дека зголемените буџети, повисоките плати и новите вработувања не можат да ги подобрат состојбите во правосудството доколку кај судиите и обвинителите нема чувство на одговорност и правдољубивост.
Според него парите не се причина за лошите резултати во судството и обвинителството, посочувајќи дека со актуелниот буџет се обезбедуваат повеќе средства отколку претходно, но и повеќе во споредба со повеќето земји членки на ЕУ.
„Јас можам да ви гарантирам дека не станува збор за парите. Еве сега преку судски буџет судовите во Македонија добија дозвола за вработување на преку 200 луѓе, и догодина ќе добијат уште толку. Платите им се покачени на судиите и чекаме одлука на Уставниот суд за обвинителите, но каква и да биде, позитивна или негативна, и тие ќе добијат покачување на платите. Ќе се доведеме во една ситуација во која што, да речеме, многумина од судиите во апелација ќе имаат повисока плата од претседателот на Владата. Но и тоа нека биде така. Јас ви гарантирам дека сето злато на светот да им го дадеме, ако нема чувство на одговорност и правдољубивост, бадијала е сè“, рече Мицкоски.