Охрид денеска домаќин на лидерите од Брдо-Бриони, учествува и новиот в.д. претседател на Србија Александар Чупиќ

Охрид денеска ќе биде домаќин на лидерите од Процесот Брдо-Бриони, регионална иницијатива чија цел е забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, зајакнување на регионалната соработка и стабилноста. Состанокот се одржува под покровителство на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, а коорганизатори се претседателката на Словенија, Наташа Пирц Мусар и претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ.

На состанокот, кој се одржува во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид, учествува и Александар Чупиќ, претседателот на српското Собрание и вршител на должноста претседател на Србија. Неговото присуство се случува во период на промени во институционалното раководство во Белград, по конституирањето на новиот состав на српскиот парламент.

За неговото учество вчера информира српското Собрание преку официјално соопштение.

„Претседателот на Народното собрание на Србија и вршител на должноста претседател на Република Србија, Александар Чупиќ, ќе учествува на состанокот на лидерите на Западен Балкан во рамките на Процесот Брдо-Бриони, кој се одржува на 26 и 27 ноември во Охрид“, се вели во соопштението.

На состанокот во Охрид, покрај коорганизаторите и Чупиќ, учествуваат и претседателот на Албанија, Бајрам Бегај, претседавачката и членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина, Жељка Цвијановиќ, Денис Беќировиќ и Даријана Филиповиќ, претседателката на Косово, Јустина Широка-Пула и претседателот на Црна Гора, Јаков Милатовиќ.

Состанокот во Македонија е замена за претходно откажаниот собир на Процесот Брдо-Бриони, кој требаше да се одржи во мај годинава во Хрватска. Хрватскиот претседател Зоран Милановиќ на 30 март го откажа состанокот поради затегнатите односи и политичките тензии меѓу Хрватска и Србија, по изјавите на тогашниот српски претседател Александар Вучиќ.

По консултациите меѓу коорганизаторите, словенечката претседателка Наташа Пирц Мусар и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, беше предложено состанокот да се одржи во Македонија, што претседателката Сиљановска-Давкова го прифати.

Процесот Брдо-Бриони е регионална иницијатива воспоставена во 2013 година од претседателите на Словенија и Хрватска. Нејзината цел е забрзување на европската интеграција на земјите од Западен Балкан, зајакнување на регионалната соработка и стабилноста, како и решавање на отворените прашања меѓу земјите учеснички.

Според најавената програма, официјалниот пречек на лидерите е закажан за 10:45 часот, по што во 10:55 часот ќе биде направена заедничка фотографија. Состанокот ќе се одржи од 11 до 12:30 часот, а за 14:30 часот е предвидена заедничка прес-конференција на претседателката Сиљановска-Давкова и претседателите Пирц Мусар и Милановиќ.

Вчера се одржа неформална вечера на лидерите учесници во Процесот Брдо-Бриони.

Премиерот Христијан Мицкоски синоќа на Фејсбук меѓудругите објави и фотографија со вршителот на должноста претседател на Србија и претседател на српското Собрание, Чупиќ од неформалната вечера на лидерите учесници во Процесот Брдо-Бриони.

Мицкоски објави дека присуствувал на вечерата организирана од претседателката, заедно со претседателите на државите учеснички во регионалната иницијатива.

„Вечерва присуствував на неформална вечера во организација на претседателката на Македонија, проф. д-р Гордана Сиљановска-Давкова, со претседателите на државите, учесници во Процесот Брдо-Бриони“, напиша вчера премиерот.