Случајот со Алта банка е прашање колку ефикасно се врши контролата врз финансискиот сектор

Надзорна расправа во Собранието, нови документи и кривични пријави од Народна банка за дел од раководството на опозициската СДСМ за изјави поврзани со Алта банка. Партиите како во ринг со меѓусебни обвинувања кој е крив и кој му дозволил на сопственикот на Алта банка Белград да влезе на македонскиот пазар, а во целата ситуација граѓанинот како да е ставен на маргините лимитиран со само 15 илјади денари неделно и неможност да си ги подигне депозитите.

Праксата покажува дека досега надзорните расправи во македонкото општество не вродиле со никаков плод ниту пак со понесување на некаква одговорност. Дали така ќе биде и во овој случај останува да се види.

Државниот јавен обвинител вчера на надзорната расправа дека Обвинителството има обврска да постапува секогаш кога ќе утврди постоење на кривично-правен настан, без оглед кој бара да се преземат мерки. Сепак, на прашањето дали е оформен предмет и дали се преземаат предистражни дејствија за Алта банка, Ненад Савески не даде конкретен одговор.

Тој објасни дека доколку постои предистражна постапка, информациите за неа се тајни согласно закон и не може да ги сподели во јавноста.

Законите важат еднакво за сите и секој што сторил кривично дело треба да одговара пред законот, рече Савески.

А во Собранието премиерот Христијан Мицкоски и лидерот на СДСМ, Венко Филипче во нивниот препознатлив стил со спротивставени ставови за тоа кој ги донел одлуките што претходеле на банкарските случувања.

Мицкоски се повика на извадок од нацрт-записникот од 194. владина седница, одржана на 24 октомври 2023 година, кога премиер бил Димитар Ковачевски. Според неговото толкување, тогашната Влада предводена од СДСМ и ДУИ го отворила патот за деловни односи со Алта банка – Белград, преку постапката за отуѓување на акциите што македонската држава ги поседувала во банка во Србија.

Филипче, пак, го отфрли ваквото толкување, обвинувајќи го премиерот дека манипулира со содржината на документот. Тој тврдеше дека тогашната Влада не дала согласност за продажба на државните акции на Мацура, туку побарала Државното правобранителство да го заштити државниот интерес. Според Филипче, акциите биле преземени подоцна, без согласност на македонската страна, преку механизам предвиден во српското законодавство, откако Мацура стекнал повеќе од 90 проценти од акциите во белградската банка.

И додека двајцата се надмудруваат кој е во право, овие спротивставени толкувања дополнително ја отвораат потребата целокупната документација и хронологијата на одлуките да бидат јавно разјаснети, за да може да се утврди што навистина било одлучено, кои институции биле вклучени и какви биле нивните надлежности.

Паралелно со политичките обвинувања, Народната банка поднесе кривични пријави против четворица функционери на СДСМ за нивни изјави поврзани со Алта банка.

Неофицијално, пријавите се однесуваат на лидерот на партијата Венко Филипче, потпретседателот Александар Трајановски, генералниот секретар Александар Саша Димитријевиќ и секретарот за меѓународна соработка Андреј Жерновски.

Од Народната банка ја потврдија информацијата, а и од Јавното обвинителство потврдија дека пријавите биле примени. Сепак, нивната содржина засега не е јавно обелоденета.

Граѓаните остануваат со најважните прашања

Случајот со Алта банка не е само политичка расправа за одлуки донесени во минатото, туку и прашање за тоа колку ефикасно институциите ја вршат контролата врз финансискиот сектор, како ги проверуваат сопственичките структури и дали навремено реагираат кога ќе се појават ризици.

Граѓаните имаат право да знаат врз основа на кои критериуми и проверки биле донесени одлуките поврзани со работењето на банката, дали институциите навреме ги препознале потенцијалните ризици и какви механизми постојат за заштита на депозитите.

Особено важно е јавноста да добие јасни одговори за тоа како се одвивале постапките што претходеле на преземањето на Стопанска банка Битола од страна на Алта банка, како и дали сите надлежни институции постапиле согласно своите законски обврски.

Одговорите на овие прашања не треба да останат дел од партиските пресметки, туку да бидат резултат на транспарентна институционална постапка. Политичката одговорност и евентуалната правна одговорност мора да се утврдуваат врз основа на документи и докази, а не преку меѓусебни обвинувања. Да тоа е европска пракса, а ние целиме натаму.