Моќен циклон од Атлантскиот Океан ќе донесе значителни временски промени на Балканот на 12 и 13 ноември, со обилни врнежи, силни ветрови и опасност од поплави во делови од регионот. Во Македонија, пак, се очекува невообичаено топло време за овој период од годината, но и засилен до силен ветер, кој на одредени места може да надмине 80 километри на час.
Метеорологот Славчо Попоски предупредува дека циклонската активност ќе предизвика изразена нестабилност на Балканскиот Полуостров, при што најсилните временски непогоди се очекуваат долж Јадранското Приморје, во Босна и Херцеговина, Црна Гора и северниот дел на Албанија.
Според неговата прогноза, во делови од регионот ветерот може да достигне брзина поголема од 110 километри на час, а количеството врнежи локално да надмине 100 литри на квадратен метар.
Ваквите услови можат да предизвикаат поројни поплави, проблеми во сообраќајот и материјални штети.
Во Македонија ветер над 80 километри на час
Иако најсилните невремиња се очекуваат во западниот дел на Балканот, влијанието на циклонот ќе се почувствува и во Македонија.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи, во четврток и петок ќе преовладува релативно топло време, со температури значително над просекот за средината на ноември.