Жртвата да остане во својот дом, а насилникот веднаш да биде отстранет. Ова е една од промените што се најавуваат со законските измени за заштита од семејно насилство, откако низа трагични случаи повторно го отворија прашањето дали институциите реагираат доволно брзо кога нечиј живот е во опасност.
Според предложеното решение, полицијата би можела на самото место, врз основа на процена на ризикот, усно да нареди отстранување на пријавеното лице од домот на 48 часа, без оглед на тоа дали тоа лице е сопственик на имотот. Се најавува и можност за електронски алки за следење на лицата за кои судот ќе изрече соодветна мерка.
Мерките засега се предлог, а нивната примена ќе зависи од усвојувањето на законските измени и од подготовката на институциите.
Ако полицискиот службеник при интервенцијата утврди сериозна опасност од семејно насилство, според најавените измени ќе може веднаш да нареди отстранување од домот.
Усната наредба би важела 48 часа, а во рок од шест часа полицијата би требало да издаде и писмена наредба, да го извести центарот за социјална работа и да ја информира жртвата за нејзината безбедност. Писмената наредба би се доставувала до судот, кој треба брзо да одлучи без одржување рочиште.
Од МВР велат дека целта е да се овозможи побрза заштита. По донесувањето на измените е најавен шестмесечен период за подготовка, во кој треба да се донесат подзаконски акти и да се обучат полициските службеници.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека законот сам по себе нема да го искорени семејното насилство, но очекува да овозможи подобри резултати и побрза реакција на институциите.