Државниот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје не е дел од листата на 2.000 најдобри универзитети во светот за 2025 година, која ја објави Центарот за рангирање на светски универзитети (CWUR).
Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (УКИМ), кој лани беше на 1.990-то место, годинава испадна од листата, оставајќи ја Македонија без претставник меѓу најдобрите, за првпат после неколку години, објави Студентарија.
CWUR ги рангира универзитетите според образование, вработување на алумни, академска извонредност и истражувачки перформанси. Ова рангирање е едно од најголемите и најобјективните, бидејќи не користи анкети и не бара апликации.
Според листата, петте најдобро рангирани универзитети во светот, се универзитетите Харвард, МИТ и Стенфорд од Соединетите Американски Држави, Кембриџ и Оксфорд од Велика Британија.
Универзитетот во Белград пак, е позициониран на 387-мо место на табелата, додека Бугарија и Словенија имаат по 2 факултети на листата
На веб-страницата на CWUR е наведено дека Универзитетот во Белград е меѓу 1,9 проценти од најдобро рангираните високообразовни институции во светот.
