Човечките приказни не треба да се оддалечуваат од луѓето и од непосредноста. Посебно актерските човечки приказни имајќи ја предвид ситуацијата со сите предизвици на театарските сцени во Прилеп важно ми беше да го покажам она што сите ние го знаеме: Прилеп имал, има и ќе има театарски уметници. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци. Затоа одлучив приказната за театарскиот Прилеп да ја раскажам низ чаршијата надвор од стерилните услови на сите институции, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ синоќа на отворањето на Музејот во движење, посветен на тројцата легендарни прилепски театарски уметници – Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски – Џумерко и Благоја Ристоски – Платнар.
На невообичаен начин, преку изложба на фотографии, лични предмети, артефакти, на неколку локации низ градот, во места пријатели на фестивалот, авторите на изложбата Звонко Димоски и Ана Стојаноска го доловија животот на овие уметници и приватно и професионално. Емотивна средба беше ова и за членовите на нивните семејства.
-Прилеп е во тесна врска со својот театар, поточно, не може да се замисли животот во Прилеп без театарот, навиките за одење во театар, прераскажувањето на театарските претстави, поздравувањето на актерите низ чаршијата, гордоста од нивните успеси по фестивалите и гостувањата во и надвор од нашата земја. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци – рече Стојаноска.
Програмата „Прилеп во фокус“ ви овозможува да зачекорите во животот од едни од најзаслужните прилепски уметници, и со тоа секој посетител да го искуси сценско-изведувачки и аудиовизуелениот начин на значењето на Прилеп во однос на македонскиот театар. Изложбите ќе бидат достапни за посетителите до крајот на фестивалот.
На третиот фестивалски ден гостуваше екипата на Штипскиот театар со претставата „Сите најубави нешта“ во режија на Нела Витошевиќ. Топлата и трогателна претстава која во фокус го става менталното здравје ја одушеви публиката.