Македонците во Грција се индиферентни спрема Преспанскиот договор, нивното национално самооткривање е автентично

Еден од аргументите пред осум години за „добронамерноста“ на Преспанскиот договор, беше и наводната можност за зближување и ново осознавање на поврзаноста на Македонците од Грција со останатите Македонци, како во Република Македонија, но и со дијаспората. Со оглед на повеќе од стогодишната политика на Грција на негирање на постоењето, па и прогон на Македонците во нејзината држава, уште тогаш тој аргумент за позитивноста на Преспанскиот договор беше нереален и неверојатен, но тогашната официјална македонска политика се фати и за таа „сламка на надеж“.

Сепак, уште пред потпишувањето на тој контроверзен договор, во Грција беше започнат еден сосема автентичен процес на самосознавање на новите генерации Македонци во таа земја, која се манифестираше со „откривање“ на автентичниот народен мелос на егејските Македонци, кој се изведуваше на фестивалите, т.е. панаѓурите што си ги организираат во северниот дел на Грција, каде тие Македонци се автохтоно население, навистина непризнаено како национално малцинство и обвинувани дека со своето постоење ја поткопуваат грчката држава.

„Има продор на посебна национална самосвест и самосознавање кај новите генерации меѓу Македонците во Грција, што никако не се поврзани со Преспанскиот договор. Тоа е еден културен изблик на себепронаоѓање во старите автентични македонски народни песни од тој крај, што ние го нарекуваме Егејска Македонија, кои ги изведуваат на собирите за некои празници и веселби. Интересно е што 95 отсто од учесниците на тие собири се млади луѓе, помлади и од 25 години. Можеби и не знаат да го говорат македонскиот јазик (сепак пораснале и се образувале во средина каде стотина години е потиснуван македонскиот јазик), но ги знаат и ги пеат македонските песни. Ним телефонот, т.е. модерните комуникациски технологии им ги отвораат прозорците кон светот, но и ги поврзуваат со корените. Кон Преспанскиот договор се индиферентни, не им значи ништо, зашто едноставно не ги допира и не им влијае на тој процес на национално самосознавање“, вели упатен познавач во овие автентични процеси меѓу Македонците во Грција.

Панаѓурите, т.е. собирите каде се изведуваат македонски песни (на почетокот без текстови, само музика), не минуваат незабележано во грчката јавност, која и покрај Преспанскиот договор (со кој има минимални обврски, и тие неспроведени) не го прифаќа помирливо овој изблик на македонска, сè уште само музичка, самосвест.

Неодамна, на социјалните мрежи се појавија информации дека во Грција се случува нова тактика насочена против одржување на македонските собири таму, каде се свири и се пее на македонски јазик.

Имено, во последниве недели во периодот на таканаречените „панаѓури“, припадници на крајната десница во Грција ги саботирале овие македонски настани со пријавување во полиција. Во пријавите, грчките неонацисти лажно пријавувале дека се случуваат „сепаратистички“ настани, што е казниво со закон во Грција.

Македонци од егејскиот дел на Македонија, на социјалните мрежи откриваат дека за смирување на тензиите се ангажираат грчки пратеници или партиски претставници на партиите Неа демократија и на Сириза, затоа што голем дел од Македонците гласаат за овие грчки партии.

„Три недели по ‘забраната’ да се пее на македонски во Соровичево, имаме нов настан. Ќе ечи, ‘Велат не нема, ама еве сме’“ ,пишуваат Македонци кои на социјалните мрежи откриваат дека нема да се откажат од македонските прослави на кои се пејат и македонски патриотски песни.

„Тој процес на посебна национална самосвест кај Македонците во Егејска Македонија, т.е. во Грција е сосема автентичен, без речиси никаква политичка поддршка или мотивација. Македонците, особено младите, во Грција самите се осознаваат како посебен национален идентитет таму, различен од тамошната средина. Комплексно е тоа ново идентитетско самоспознавање, во контекст на правење некаков еквивалент со нашиот идентитет, на Македонците од Република Македонија. Сепак, речиси 120 години сме разделени со граници со Македонците како во Грција, така и во Бугарија, а културолошкиот правец на развој ни е различен. Сепак, заедничките корени се препознаваат во заедничките песни, стари и автентични, кои во Грција ги изведуваат на македонски тамошни локални групи“, вели познавачот на процесот на откривањето на македонските корени на младите Македонци во Грција.

Јасминка Павловска

 

 

 

INFO