„Мислам дека македонските граѓани прават разлика помеѓу она што го начекавме, она што го оставија овие пред нас и она што ние го работиме сега. Сметам дека сите оние акции коишто ги спроведовме, како од аспект на борба против организиран криминал и особено висока корупција и злоупотреба на државни институции во минатото, сите оние акции кои што ги спроведовме во делот на уличниот криминал, потоа на борбата против трговија со дрога, трговија со луѓе, бандите коишто ги разбивме, му даваат една надеж на македонскиот народ дека можело и поинаку. Гледаат дека со посветеност, со макотрпна работа, со професионален пристап можело и поинаку и да се дадат резултати“, рече Тошковски.
Тошковски во текот на своето гостување објасни како успеале да ја намалат стапката на криминалот на државата. Имено тоа е резултат на неселективноста во примената за законските прописи и во професионалноста.
„Едноставен е одговорот. Кога ќе сте неселективни во примената на законски прописи и кога ќе се трудите професионално да си ја сработите работата, без разлика за кого се однесува конкретното, дали ќе е прекршок, дали ќе е кривично дело и така натаму, мислам дека во различни сегменти покажавме дека можело поинаку. Мислам дека разлика е јасна, видлива и се надевам дека ќе имаме капацитети и сила да продолжиме и понатаму да чекориме со исто темпо“, објасни министерот.
Тошковски говореше и за проектот „Сејф сити“ и посочи дека со овој проект за многу краток период ќе се смени односот на македонските граѓани во делот на почитување на сообраќајните правила.
„Јас искрено многу верувам во овој проект „Сејф Сити“. Кога ќе го имплементираме „Сејф сити” како решение, јас сум убеден дека за многу краток временски период ќе го смениме менталитетот и односот на нашите граѓани во делот на почитување на сообраќајните правила. Со имплементација на овој систем нема да има опција за избегнување казна“, вели тој.
На крај Тошковски стави акцент и на дигитализацијата, со што потенцира дека таа е основен столб за осовременување на сите процеси и подобрување на услугата која што ја пружа не само МВР, туку целата влада.
„Дигитализацијата е еден од основните пилари коишто сме ги воспоставиле како такви, уште при отпочнување со целокупната реорганизација во Министерството за внатрешни работи и многу внимание посветуваме на тоа. Сакаме сите процеси кои се водат во рамки на министерството да се дигитализираат, сè со цел да можеме да ги забрзаме процесите, да го исклучиме човечкиот фактор при донесување одредени одлуки, кои не се во интерес на граѓаните – од аспект на непроцесуирање на одредени предмети, селективен пристап во постапување и така натаму, и особено во аспект на подобрување на услугите што ги имаме кон граѓаните. Еве на пример, овозможување на граѓаните да можат да извадат уверение за државјанство преку електронски пат, овозможување да се извади дозвола за одредено оружје преку електронски пат, целокупната постапка да се води електронски. Мислам дека дигитализацијата и тоа како е клучен пилар за осовременување на сите процеси и подобрување на услугата што ја пружиме, не само како МВР, туку општо како влада“, дополни Тошковски.