Преку овој меморандум, соопштија од Министерството за јавна админситрација, двете земји ја формализираат меѓусебната соработка во клучни области како дигитализација на јавните услуги, управување со човечки ресурси, добро управување, транспарентност и професионализација на јавната администрација.
„Овој документ не е само формалност – тој е патоказ за заедничка иднина, за зајакнување на институционалните капацитети и за ново поглавје во билатералните односи помеѓу Република Македонија и Црна Гора“, изјавил министерот Минчев.
Меморандумот предвидува размена на искуства, експертиза и најдобри практики, како и заедничка реализација на проекти поддржани од Европската Унија и меѓународни партнери.
Целта е да се придонесе кон поефикасни, транспарентни и граѓански ориентирани институции.
„Реформата на јавната администрација не е само внатрешна обврска, туку и надворешен сигнал – дека нашите институции се подготвени за европските стандарди, за модерно управување и вистински партнерства во регионот“, нагласил Минчев.
Тој упатил благодарност до црногорските домаќини за нивното партнерство и за споделената визија за модерна, резултат-ориентирана администрација која ќе биде во служба на граѓаните.
„Од Подгорица испраќаме заедничка порака: јавната администрација мора да биде двигател на интеграцијата, не нејзина пречка. Професионализмот, транспарентноста и ефикасноста – не се луксуз, туку предуслов за стабилност, економски развој и членство во ЕУ“, се наведува во соопштението и се додава дека оваа соработка претставува важен чекор кон зацврстување на регионалните врски и заедничко приближување кон европската иднина.