Трамп во рок од две недели ќе одлучи дали САД директно ќе го нападнат Иран 

Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека во рок од две недели ќе донесе одлука дали американската војска директно ќе се вклучи во конфликтот меѓу Израел и Иран, имајќи ја предвид „значајната шанса“ за обновени преговори околу нуклеарната програма на Техеран, додека конфликтот влегува во седмиот ден со нови меѓусебни напади, објави Асошиејтед прес.

Според изјавата што ја прочита портпаролката на Белата куќа, Каролин Левит, Трамп размислува за напад на добро заштитената фабрика за збогатување ураниум во Фордо, која се наоѓа под планина и се смета за недостижна за сите освен за американските „бункер-бастер“ бомби.

Претходно во четвртокот, израелскиот министер за одбрана го нападна иранскиот врховен лидер Али Хаменеи, откако ирански ракети погодија болница во јужен дел на Израел и станбени згради во близина на Тел Авив, ранувајќи најмалку 240 лица.

„Армијата доби наредби и знае дека за да ги оствари целите, овој човек едноставно не смее да продолжи да постои“, изјави министерот Израел Кац.

Додека спасувачки екипи евакуираа пациенти од болницата, израелските борбени авиони започнаа нова рунда напади врз нуклеарната програма на Иран.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, говорејќи од рушевините околу медицинскиот центар „Сорока“ во Бершева, изјави дека има доверба дека Трамп ќе го направи „најдоброто за Америка“.

„Веќе ни помагаат многу“, рече тој.

Во меѓувреме, иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи се подготвува да патува во Женева за средби со шефицата за надворешна политика на ЕУ и министрите од Обединетото Кралство, Франција и Германија.

Британскиот министер за надворешни работи Дејвид Лами, по средбата со американскиот државен секретар Марко Рубио и претставникот Стив Виткоф, изјави дека „постои прозорец во следниве две недели за постигнување дипломатско решение“.

Конфликтот започна минатиот петок со ненадејна израелска воздушна офанзива врз нуклеарни и воени цели во Иран. Според податоци на иранска организација со седиште во Вашингтон, досега се убиени најмалку 657 лица, од кои 263 цивили, и повеќе од 2.000 се ранети.

Од своја страна, Иран испукал 450 ракети и 1.000 дронови кон Израел, според проценки на израелската армија. Повеќето биле пресретнати, но најмалку 24 лица во Израел се убиени, а стотици ранети.

Во нападот врз медицинскиот центар „Сорока“ се повредени најмалку 80 пациенти и медицински лица, најголем дел со лесни повреди. Болницата, која сервисира околу еден милион жители, претрпела значителна штета на постарата хируршка зграда и на клучната инфраструктура, вклучувајќи гас, вода и климатизација.

Иран тврдеше дека не сакал да ја погоди болницата, туку објект на елитната технолошка единица на израелската армија C4i, која има кампус во близина. Израелската армија не одговори на барање за коментар, но неименуван воен извор призна дека немало конкретни разузнавачки податоци дека болницата била цел.

Повеќе болници во Израел, вклучувајќи ја и „Сорока“, во последната недела активираа итни протоколи, преместувајќи пациенти во подземни простории.

И покрај сериозната штета, Иран останува цврст во ставот дека неговата нуклеарна програма е мирнодопска. Тој е единствената држава без нуклеарно оружје која збогатува ураниум до 60 отсто, што е технички чекор до 90 отсто, ниво потребно за нуклеарно оружје.

Израелската воена кампања ги таргетираше нуклеарните капацитети во Натанз, работилници за центрифуги во Техеран, објекти во Исфахан и балистички ракетни лансери низ земјата.

Најновите израелски напади достигнале до градот Рашт на брегот на Каспиското Море. Во Техеран и Исфахан биле слушнати воздушни напади и артилериска одбрана.

Во четвртокот, иранскиот спикер на парламентот, Мохамад Багер Калибаф го обвини Трамп дека сака да изнуди договор преку воена закана. Последната рунда индиректни преговори меѓу Иран и САД била откажана.

„Заблудениот американски претседател мисли дека може да наметне мир преку војна и уцена“, изјави Калибаф.

Израелската армија соопшти дека нејзини борбени авиони го погодиле реакторот во Арак, околу 250 километри од Техеран, за да спречат можност за производство на плутониум.

Иранската државна телевизија јави дека објектот бил евакуиран и дека „нема никаква опасност од радијација“.

Од реакторот, Иран би можел да добие плутониум, алтернативен пат до нуклеарно оружје, покрај збогатениот ураниум.

Иако според договорот од 2015 година, Иран требаше да го редизајнира објектот, таа работа никогаш не беше завршена. Израел тврди дека нападите се со цел да се спречи повторно активирање на реакторот.

Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) соопшти дека поради ограничувањата од Иран, веќе нема „континуитет на информации“ за работењето на реакторот што значи дека не може со сигурност да потврди како функционира.

INFO