Поради најава од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за очекувани повисоки максимални дневни температури од 24 до 27 јуни, Институтот за јавно здравје повикува на почитување на мерките на заштита на здравјето на општата популација и на ранливите групи на население во услови на високи амбиентни температури. Оттаму излегоа со препораки за раотодавачите и работниците во услови на зголемени температури.
„За ранливи категории на луѓе се сметаат лицата кои работат во надворешни услови и се повеќе изложени на влијанието на топлотните бранови или лица кои работат на работни места изложени на висока температура и топлинско зрачење, лица кои губат премногу течности за време на работата, може да се почувствителни на болести поврзани со топло време. На пример, градежни работници, земјоделци, сообраќајна полиција, работници за испорака“, наведено е во соопштението на ИЈЗ.
Работодавачите, како што е наведено, треба да се погрижат за одржување на техничко-технолошки мерки како вентилација, климатизација, редовно мерење на амбиентната температура и со поставување на работните станици што е можно подалеку од сончева светлина и извори на топлина.
„Тие потребно е да обезбедат минимум една климатизирана просторија со функција на „засолниште“ (каде што вработените можат да се разладуваат извесен период во текот на работата). Да ја земат предвид можноста за потенцијално работење онлајн, флексибилно работно време, двократно работење, надополнување на изгубеното работно време и други модалитети. Да се избегнува работа на отворено од 11 до 17 часот, да има почести паузи и достапност на течности и електролити. Да се врши ротација на работните задачи и преместување на работниците во постудени простории секогаш кога е тоа можно. Да се намали интензитетот на работата и нормите во производството и да се избегнува прекувремената работа. Работодавачите треба да бидат внимателни со ранливите групи вработени (постари работници, хронични болни, лица со зголемена телесна тежина, бремени жени) и да ги прераспределат на работни места соодветни за нивната состојба“, пишува во препораките.
За вработените, препораките се врамнотежена исхрана, внесување минимум 2 литри вода дневно, избегнување алкохол и кофеин, внесување електролити при засилено потење, редовен одмор, доволно спиење, туширање и едукација за прилагодување на високи температури.
„Во препораките спаѓаат и носење лесна, светла и памучна облека, заштитни очила за сонце, капи и крем со УВ фактор 30+ при работа на отворено. Препознавање симптоми на топлотен удар (вртоглавица, замор, вознемиреност, повраќање) и будност за колегите. Не смее да се дозволи на вработен со симптоми на топлинска болест да замине од работното место дури не се стабилизира односно не добие соодветен третман“, пишува во објавата на ИЈЗ.
Оттаму потренцираат дека при симптоми на топлотен удар веднаш треба да се повика 194 или 112.
„Лицето да се префрли во разладена просторија, да легне хоризонтално со подигнати нозе, да се лади со ладни облози и прскање со вода. Да не се дава терапија додека не пристигне лекарска помош. Ако е во бессознание, да се постави во странична положба.