Денеска министерот Муцунски ќе учествува на работната вечера во форматот Совет НАТО–Украина, заедно со министрите за надворешни работи на земјите членки, украинскиот министер Андреј Сибиха и високата претставничка на Европската Унија и потпретседателка на Европската комисија, Каја Калас.
Руте нагласи дека Самитот се одржува во „вистински историски момент“, во услови на растечки безбедносни предизвици и затоа како што светот станува поопасен, така сојузничките лидери ќе донесат смели одлуки за зајакнување на колективна одбрана, правејќи ја Алијансата посилна, пофер и поборбена.
Според Руте, овие заложби ќе вклучуваат нов план за инвестиции во одбраната, со кој ќе се постави цел издвојувањата за одбрани потреби да бидат на ниво од пет отсто од БДП и ќе се зајакне одбранбената индустрија низ Алијансата, што ќе донесе не само поголема безбедност, туку и повеќе работни места.
Планот, меѓу останатото, предвидува петкратно зголемување на капацитетите на противвоздушната одбрана, зголемување на бројот на тенкови и оклопни возила, поголемо производство на куршуми и артилериска муниција, подобрена мобилност на силите на терен и зајакнување на соработката со партнерите, пред се со Украина, ЕУ и партнерските земји од Индо-пацифичкиот регион.
„Со поголемо инвестирање и зголемено производство, градиме посилно НАТО. Резултатот е и пофер НАТО, бидејќи сојузниците се залагаат да обезбедат порамномерна распределба на одговорноста за нашата заедничка безбедност“, додаде Руте.
На маргините на Самитот, претпладнево во Хаг ќе се одржи Јавен форум на НАТО, заеднички организиран од Алијансата и холандската Влада во соработка со Атлантската комисија, Институтот „Клингендал“ и Хашкиот центар за стратешки студии, чија цел е да промовира подобро разбирање на политиките и целите на Пактот и на одлуките што се очекува да бидат донесени на средбата на врвот. На Форумот е најавено учество на шефови на држави или влади, министри, меѓународни експерти за безбедност, научници, новинари и млади луѓе, кои ќе дебатираат на серија панел дискусии и интерактивни сесии на различни теми од агендата на Самитот на НАТО.
За попладне е предвидено одржување на Пленарна сесија на Форумот за одбранбена индустрија на кој воведни обраќања ќе имаат Руте, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен и холандскиот министер за одбрана Рубен Брекелманс. На Форумот, чија тема е „Како можеме да го забрзаме зајакнувањето и зголемувањето на одбранбената индустрија?“, ќе дебатираат министри за одбрана, експерти и претставници на бизнис заедницата од земјите членки на НАТО.
Самитот официјално почнува вечерва со вечера што за шефовите на држави или влади на членките на НАТО ќе ја организираат холандскиот крал Вилем-Александер и кралицата Максима.
Во, исто време, ќе се одважат и заседанија на Советот НАТО-Украина на ниво на шефови на дипломатии во форма на работа вечера, под претседателство на заменичката генерална секретарка на Алијансата, Радмила Шекеринска и на Северноатлантскиот совет на ниво на министри за одбрана, исто така во форма на работа вечера, со кој ќе претседава Брекелманс.
Работниот дел од Самитот ќе се одржи утре со заседание на Северноатлантскиот совет на ниво на шефови на држави или влади, со кој ќе претседаваат Руте и холандскиот премиер Дик Схоуф.
На крајот од Самитот е предвидена средба на Руте со американскиот претседател Доналд Трамп и лидерите на земјите партнери на НАТО од Индо-пацифичкиот регион – Австралија, Јапонија, Јужна Кореја и Нов Зеланд.