Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека не би сакал да ја коментира истрагата за пожарот во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани во која животот го загубија 62 претежно млади лица, но сепак рече дека на е задоволен од судството и обвинителството, оценувајќи ги како една од најслабите алки во македонското општество.
„Јас не би давал квалификација колку сум задоволен или не сум задоволен во овој момент, од проста причина дека била каква моја квалификација може да биде сфатена како некакво влијание. Сепак кога претседател на Влада ќе даде некаква квалификација за одреден случај тоа може да се смета како влијание“, рече Мицкоски за веднаш потоа да каже дека не е задоволен.
„Но, не ми пречи да го сфатат она мое укорување во мојот вчерашен говор кога кажав дека не сум задоволен од брзината на испорака на правдата во обвинителството и судството. Затоа што тоа е генерална перцепција и генерално чувство кај граѓаните. И тоа е сè уште слабата страна на ова наше општество, а тоа е спората правда и чувство дека нема правда за сите подеднакво. И тука треба сите заедно да работиме“, изјави Мицкоски во емисијата „Објектив“.
Оваа изјава следи по неколку негови претходни јавни настапи, во кои, иако воздржан во директни коментари за конкретниот случај, Мицкоски изразуваше незадоволство од тоа како институциите се справуваат со последиците од трагедијата. На 9 јуни, тој обвини дека дел од реакциите се обид да се политизира болката на семејствата на жртвите, велејќи дека „граѓанското движење за поддршка на Кочани се претвора во политичко“.
„Да не дозволиме овие некрофили, кои повторно на човечката судбина манипулираат и се обидуваат да се вратат на власт“, изјави тогаш тој.
На 13 јуни, државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски соопшти дека е поднесен обвинителен акт против 34 физички и 3 правни лица во врска со трагедијата во „Пулс“. Обвинети се сопственици и управители на дискотеката, полициски службеници, тројца поранешни градоначалници на Кочани, инспектори, лица од обезбедувањето, како и државни службеници. Меѓу нив има и еден службеник кој, според обвинителството, за фалсификувана лиценца примил мито во износ од 12.000 денари.
Обвинението ги товари осомничените за тешки дела против општата сигурност, за соизвршителство со свесно непостапување според законски прописи и за овозможување на нелегална работа на објектот. Објектот „Пулс“ немал дозвола за вршење угостителска дејност, бил реновиран со запаливи материјали, без соодветен проект, без систем за евакуација и без основна заштита од пожари.
Покрај тоа, дел од обвинетите дозволиле присуство на малолетници, не спречиле внес на пиротехника, а обезбедувањето работело без договор и без лиценцирани лица.
Сега се очекува Врховниот суд да одлучи каде ќе се одржува судскиот процес за овој случај за што Обвинителството веќе достави мислење до судот.
Вчера, по повод 100 дена по трагедијата во Кочани, граѓанската иницијатива „Кој е следен?“ што организираше неколку маршеви во Скопје, реагираше со герила акција во која поставија 100 пораки низ Скопје.
„Денес, сите заедно на системот му испративме вкупно 100 пораки од 100 различни гласа кои го артикулираат она што сите го мислиме и чувствуваме. Овие 100 крика за подобар систем не се само минливи желби и фантазии, ниту реторички прашања, туку критики за овој систем што нè убива. Наведнатата глава не ни помага – сабјата упорно нè сече. Затоа, мораме да ги дигнеме главите – и да ги здружиме – и заедно да смислиме подобар систем кој ќе го брани животот, а не профитот“, се вели во нивната објава.
„Кочани, најдлабоко ти се извинуваме што дозволивме ова да ти се случи за да ни ги отвори очите. Но, сега нема назад. Веќе не молчиме. Не простуваме. Не забораваме. Правда мора да има“, додаваат тие.
View this post on Instagram
Во меѓувреме, секоја сабота, семејствата на жртвите организираат „Марш на ангелите“ во Кочани. Тивките, но решителни маршеви се претворија во симбол на упорната борба за вистина и правда. На десеттиот марш, одржан на 22 јуни, родителите побараа директна средба со обвинителството и детално објаснување на содржината на обвинителниот акт. Таквата средба се одржа зад затворени врати во Кочани.
Во писмото доставено до институциите, родителите директно обвинија за молк, бавно постапување, селективен пристап и прикривање на клучни информации. Тие побараа јавно објавување на сите видео-докази, објаснување за тоа зошто некои лица се пуштени од притвор, враќање на првичната бројка од 72 осомничени и отстранување на обвинителите кои, според нив, покажале политичка пристрасност.
Дел од нив побараа вклучување на Европската Унија, како и на домашни организации како „Транспаренси Македонија“ и „Коалиција за правично судење“, за надзор на судскиот процес.
„Не се плашиме. Ние веќе го изгубивме најскапоценото, нашите деца. Единствено што останува е барањето: вистина, отчет и одговорност“, се наведува во нивното писмо.