Во организација на АРНО, денеска се одржа финалниот настан на Академијата за циркуларна економија, на која беа презентирани циркуларните бизнис иницијативи развиени од граѓански организации, информираат од АРНО.
„Организациите развија прототипи на идеи за велосипедски паркинзи изработени од стари буриња, житни цевки од био-отпад „Сламенка“, креативна употреба на отпад од локални бизниси (сувенири, корпоративни и персонализирани подароци), производство на течно ѓубриво од чај, еко-плочки од рециклирана пластика, одржлива мода од текстилен отпад, еко-моливи и боички од отпадна хартија, храна за животни од ливадска детелина и сено, био-компост од отпад од храна, како и онлајн продавница за циркуларни производи“, се додава во соопштението.
Академијата за циркуларна економија претставува прв ваков сеопфатен процес во земјата. Со 10 едукативни модули и над 250 менторски часови, обезбеди поддршка за граѓанските организации да ги развијат своите капацитети и бизнис идеи во насока на циркуларни и одржливи решенија.
„Академијата успеа да понуди знаење и експертиза од повеќе од 30 национални експерти во циркуларната економија и да креира мала заедница на граѓански организации, универзитети, бизниси и државни институции кои и понатаму ќе соработуваат на оваа нова и значајна тема за нашата држава. „Овој проект беше вистински исчекор за нас. Граѓанските организации се запознаа со крофна (ѓеврек) економија, со најсовремени концепти, добија многу знаење за локалната регулатива, инспирација од европски примери, индивидуална менторска помош“, изјави Марјан Ицоски, координатор на проектот од АРНО.
Како што кажа Сунчица Костовска–Петрoвска од „Луѓе во потреба“ – ПИН, целиот процес бил интензивен и исполнет со посветеност од сите страни. Овие 12 здруженија, беа избрани на јавен повик во ноември 2024 год. и низ академијата добија знаење и можности за развој на своите иновативни идеи кои ѝ служат на заедницата. Само 8 од нив ќе добијат финансиски стимул, но сите заслужуваат поддршка. Транзицијата кон циркуларна економија е суштинска не само за намалување на емисиите на стакленички гасови, туку и за усогласување со Зелената агенда на ЕУ за Западен Балкан и Европскиот зелен договор“, истакна таа.