Американскиот технолошки гигант Мета, сопственик на Фејсбук, доби судска поддршка во тужбата поднесена од група автори, меѓу кои се Сара Силверман и Та-Нехиси Коутс, кои ја обвинија компанијата дека ги користела нивните книги без дозвола за обука на своите модели на вештачка интелигенција, пишува Гардијан.
Судот иако ја отфрли тужбата истовремено предупреди дека користењето на авторски заштитени дела за обука на јазични модели (LLM), како што е случајот со системите зад ChatGPT, може да биде незаконско во многу околности.
Судијата Винс Чабрија истакна дека неговата одлука не значи дека Мета има право да користи авторски заштитени содржини.
„Оваа пресуда не претставува заклучок дека користењето на авторски материјали од страна на Мета за обука на нејзините јазични модели е законско. Таа само укажува дека тужителите направиле погрешни аргументи и не успеале да го поддржат вистинскиот соодветен случај,“ кажа тој.
Судијата кажа дека тврдењето на Мета дека јавниот интерес би бил „тешко оштетен“ доколку AI развивачите не можат слободно да користат авторски дела е „глупост“.
Иако судот оцени дека авторите не докажале дека постои доволно директна штета на пазарот од користењето на нивните дела, Чабрија изрази загриженост за поширокото влијание на вештачката интелигенција врз авторската индустрија.
„Колку и да е трансформативна обуката на LLM, тешко е да се замисли дека е фер употреба да се користат книги за развој на алатка што создава бескрајна низа конкурентски дела и при тоа генерира милијарди долари,“ рече тој.
Компанијата Мета беше тужена во 2023 година под обвинение дека користела пиратски копии од книги за обука на својот „Llama“ модел, без дозвола или надомест. Слични тужби се водат и против OpenAI, Microsoft и Anthropic.
И покрај оваа пресуда во корист на Мета, судијата остави простор за идни тужби, нагласувајќи дека доколку се докаже дека AI моделите предизвикуваат „разводнување на пазарот“, тогаш користењето на авторски дела може да биде сметано за кршење на авторските права.
Пред неколку дена, во слична постапка, судијата во случајот против Anthropic утврди дека складирањето и копирањето на над 7 милиони пиратски книги не претставува фер употреба, што може да доведе до нови судски одлуки што ќе ја обликуваат иднината на развојот на вештачка интелигенција и авторските права.