Во Белград во саботата се одржа голем студентски протест на кој според првичната процена на Архивот на јавни собири имаше околу 140.000 луѓе. По завршувањето на протестот, во центарот на градот дојде до инциденти, се слушаа експлозии од пиротехника, беа фрлани бакљи, беше употребен бибер спреј, а полициски кордони ги потиснуваа граѓаните. Имаше и приведувања.
Активистот Златко Кокановиќ за телевизијата Н1 објасни што се случило и зошто биле приведени тој и уште еден активист.
„Одејќи по улицата Немањина кон Владата, народот се постави пред кордонот. Ние двајца седнавме на асфалтот… Полицијата ни пријде и рече ‘поместете се’, а по пет секунди нè приведоа. Не успеавме ни да станеме, а тие веќе нè уапсија“, рече тој.
Тој додаде дека пред полицијата стоеле неколку лица со маици врз лицето, кои ја провоцирале полицијата, но не биле приведени.
Приведените биле однесени во полициската станица Савски венац каде што останале неколку часа, а им било соопштено дека ќе добијат покана за прекршочен суд.
Според Студентите во блокада, Власта ги имала сите алатки на располагање за да ги исполни нивните барања и да спречи ескалација.
Preliminarna procena AJS: Na današnjem protestu na Slaviji, u organizaciji studenata u blokadi, u vreme komemorativne tišine bilo je prisutno oko 140.000 ljudi. Konačna procena može odstupati do 10%. pic.twitter.com/mSQL8DlCUi
— Arhiv javnih skupova (@javniskupovi) June 28, 2025
„Наместо тоа, се одлучија за насилство и репресија врз граѓаните. Секоја радикализација на ситуацијата е нивна одговорност“, соопштија Студентите во блокада преку социјалната мрежа Икс (поранешен Твитер).
Претходно на истиот профил објавија дека бил нападнат студент на Биолошкиот факултет, како и многу други граѓани.
„Особено нè загрижува што некои од повредените студенти не можеле да стигнат до привремената амбуланта на Учителскиот факултет. Бараме од полицијата веднаш и без одлагање да ги пропушти сите студенти на Учителскиот факултет“, наведоа студентите. Додаваат дека неправдата нема да ја простат.
Партијата за слобода и правда (ССП) утрово го обвини претседателот на Србија Александар Вучиќ за сè што се случувало по завршувањето на протестот, повикувајќи ги граѓаните да продолжат со ненасилната борба.
„Достоинствен, мирен протест на повеќе од 150.000 граѓани покажа дека Србија сака промени. Одговорноста за сето она што се случуваше по завршувањето на протестот е исклучиво на Александар Вучиќ“, наведоа од ССП.
Од партијата потсетија дека веќе седум месеци режимот не ги исполнува барањата на студентите и граѓаните, нарекувајќи ги терористи, нацисти и странски платеници, како и дека ја опструира истрагата за смртта на 16 лица по падот на настрешницата во Нови Сад.
„Покрај сè, веќе четири месеци Вучиќ, прекршувајќи го законот, го држи во блокада просторот пред Собранието на Србија, каде нема студенти кои сакаат да учат, туку криминалци и СНС активисти, кои со поддршка од режимот малтретираат и провоцираат граѓани“, се вели во соопштението.
ССП истакна дека големиот број граѓани што излегоа на улиците сведочи за природата на протестот и за тоа кој навистина стои зад насилствата.
„По завршувањето на протестот, дел од учесниците се упатија кон Пионирскиот парк и дојдоа до полицискиот кордон, каде веќе имаше лица со мотки и палки. Може да се претпостави кои се тие и кој ги испратил, но сигурно е дека ниту еден од учесниците на протестот немал оружје“, додаваат од партијата.
Премиерот на Србија Ѓуро Мацут им се заблагодари на припадниците на МВР и на безбедносните служби за, како што рече, брзата и професионална реакција со која биле спречени поголеми инциденти.
Од Владата беше соопштено дека Мацут „најостро го осудува насилството и нападите врз полицијата што се случија на улиците на Белград по завршувањето на собирот на Трг Славија од страна на хулигани“.