Протести и блокади низ Србија по апсењата на студентите

По апсењата на студенти што учествуваа во протестите против власта, ширум Белград започнаа блокади на клучни улици и мостови. Како што јавува ТВ Н1, ситуацијата кулминираше по саботниот протест на платото кај Славија, кој заврши со инциденти – употреба на бибер-спреј, бакљи и шок бомби од страна на полицијата, која насилно ги растеруваше демонстрантите.

Во текот на ноќта, повеќе делови од Белград беа блокирани, вклучително и Газела, Автокоманда, Зелени венац, Нов Белград, Конјарник и Милјаковац. Сообраќајот беше целосно запрен на повеќе локации, а граѓаните користеа контејнери и импровизирани барикади. На Зелени венац, полицијата интервенираше со хамери, по што граѓаните се повлекоа.

Покрај Белград, блокади се организираа и во други градови во Србија: Нови Сад, Ниш, Чачак, Крагујевац, Зрењанин, Суботица, Сремска Митровица, Панчево, Ваљево, Ужице и други. Во Нови Сад, според најавите на студентските групи, протестите ќе продолжат денес (30 јуни) од 18 часот.

Утринава, сообраќајот низ Белград постепено се нормализираше – проодни се Газела, Панчевачки мост, како и кружниот тек на Автокоманда. Жандармеријата и полицијата се повлекле од дел од критичните точки, а јавниот превоз почнал да функционира со ограничен капацитет. Во Вождовац, каде беа забележани ноќни блокади, полицијата повторно приведе неколку граѓани кои се сомничат за учество во протестите.

Граѓаните кои учествуваа во блокадите ги расчистуваат улиците зад себе, додека дел од градскиот превоз, особено на Чукарица, сè уште е делумно блокиран. Возачите се пренасочуваат преку алтернативни правци, а некои граѓани чекаат по автобуски постојки без да знаат кога ќе се обнови сообраќајот.

Студентските движења кои ги иницираа протестите објавија соопштение со повици за истрајност, отпор и граѓанска солидарност. Тие апелираат до граѓаните да се организираат во смени, да донесат вода и храна за демонстрантите, да користат шатори и столчиња за подолготрајни барикади, и во случај на полициска интервенција да се повлечат мирно и потоа повторно да ги заземат улиците.

„Тиранијата мора да запре. На студентите сега им требате повеќе од кога било. Не се плашете, на улиците сме заедно и така ништо не може да ни направат“, стои во соопштението.

Студентите нагласуваат дека блокадите мора да продолжат за да имаат ефект и ги повикуваат граѓаните да ги следат нивните официјални канали на комуникација за понатамошни координирани активности, вклучувајќи го и нивниот официјален веб-сајт.

Повод за протестите беше апсењето на осуммина студенти кои учествувале во протестите против власта и политичката атмосфера на репресија. Тие јавно се обвинети за обид за рушење на уставниот поредок на Србија. Опозицијата и граѓанските иницијативи го обвинуваат режимот на претседателот Александар Вучиќ за системска злоупотреба на полицијата и институциите за задушување на секој отпор.

Организацијата „Крени-Промени“ и други активистички групи ја документираат полициската бруталност и повикуваат на итна реакција од страна на домашната и меѓународната јавност.

INFO