„Фестивалот претставува жив сведок на богатството на македонската култура, уметност и традиција и испраќа јасна порака дека македонскиот идентитет не познава граници. Наша обврска е да го зачуваме и промовираме, секаде каде што чука македонско срце”, потенцираше министерот Тошковски.
Во рамки на посетата на Пустец министрите остварија средба со градоначалникот на Општина Пустец, Пали Колефски со кого разговараше за конкретни начини на поддршка од страна на македонската држава.
„Како Министерство за внатрешни работи, подготвени сме да го олесниме процесот за издавање на лични документи на оние жители кои имаат македонско државјанство и да преземеме мерки за олеснување на граничниот проток на преминот Стење, особено во сезоната на берба на јаболка, кога многу жители од овој крај доаѓаат на работа во Ресенскиот регион”, истакна министерот Тошковски.
Присутните синоќа имаа чест да го проследат настапот на велешкиот театар – силна потврда дека македонската култура обединува, каде и да се наоѓа.
„Мала Преспа е прекрасна, но уште повредно е чувството дека македонскиот дух тука живее силно и гордо”, рече министерот Тошковски.
