По полноќ во Белград, полицијата изврши насилна интервенција врз студентски и граѓански блокади, при што, според сведоштва и видеоснимки, употребила прекумерна сила, апсејќи и тепајќи демонстранти на повеќе локации низ градот, објавува Н1.
Првиот полициски напад се случил пред Правниот факултет, каде што студентите седеле пред влезот. Полицајците ги нападнале, ги принудиле да легнат на земја и ги привеле.
Слични насилни интервенции биле забележани кај Машинскиот и Технолошкиот факултет, каде граѓаните и студентите биле прилепени до ѕидови, удирани и приведувани. Големи судири се случиле и во општината Врачар, каде полицијата бркала граѓани и ги удирала со палки.
Српското Министерство за внатрешни работи соопшти дека биле уапсени 23 студенти на Правниот факултет, додека вкупно 79 лица биле приведени во полициски станици. Идентификувани се 1.297 лица.
„Студентите во блокада“ на социјалните мрежи објавија дека ја одложуваат планираната акција за утрото, поради „невидена репресија и загрозување на универзитетот и неговите принципи“.
Сепак, тие најавија дека нема да се откажат: „Нашиот одговор допрва ќе се слушне. Студенти и граѓани, солидарно!“