Трамп: Потпишани се писма со царини за 12 земји, ќе бидат испратени во понеделник

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека потпишал писма до 12 земји со кои се наведуваат царините што ќе ги применат САД на нивниот извоз во оваа земја, притоа нарекувајќи ги овие понуди „земи или остави“ и најавувајќи дека ќе бидат испратени во понеделник, пишува Ројтерс.

Говорејќи пред новинарите во авионот „Ер форс уан“ на пат кон Њу Џерси, Трамп одби да ги именува земјите на кои се однесуваат писмата, додавајќи дека имињата ќе бидат објавени во понеделник.

Претходно Трамп изјави дека очекува првата серија писма да се испрати во петок, но поради националниот празник, Денот на независноста на САД, тој рок беше поместен.

Во услови на глобална трговска војна што ги потресе финансиските пазари и ги натера креаторите на политики да бараат начини за заштита на своите економии, Трамп во април најави основна царинска стапка од 10 отсто, со дополнителни тарифи за повеќето земји кои би достигнувале и до 50 отсто.

За Македонија на 2 април или како што беше наречен „Ден на ослободувањето“ беше најавена една од највисоките царински стапки во регионот, односно на основните 10 отсто беа најавени уште 23 отсто реципрочни царини, што вкупната стапка ја зголеми на 33 отсто. Македонскиот министер за надворешни работи и трговија имаше состанок со државниот секретар на САД, Марко Рубио во Вашингтон, на кој наводно се разговарало и се постигнал напредок во однос на царините за Македонија. Потоа, македонската Влада донесе одлука за укинување на давачките за увозот на сите производи од САД.

Претходно премиерот Христијан Мицкоски изјави дека најавата за царини од 33 отсто за Македонија за извоз на добра во САД е резултат на грешка или погрешна информација.

Од следниот месец Македонија ги укинува царините за производи од САД

По најавата во април и бурните реакции, освен основната стапка, сите други царини беа суспендирани на 90 дена за да се даде време за преговори и постигнување договори. Тој период завршува на 9 јули, а Трамп рано во петокот изјави дека царините би можеле да бидат и повисоки, дури до 70 отсто, со тоа што најголем дел од нив ќе стапат на сила на 1 август.

„Потпишав неколку писма и ќе бидат испратени во понеделник, веројатно дванаесет. Различни износи на пари, различни нивоа на царини“, рече Трамп прашан за плановите во врска со царините.

Претседателот Трамп и неговите советници првично најавија преговори со голем број земји за утврдување на царините, но Трамп се разочарал од процесот поради неуспешните преговори со неколку главни трговски партнери, вклучувајќи ги Јапонија и Европската Унија.

Во петок навечер тој накратко се осврна на тоа, изјавувајќи: „Писмата се подобри… многу полесно е да се испрати писмо“.

Тој не одговори на прашањето дали очекува да се постигнат пошироки трговски договори пред рокот на 9 јули.

Промената во стратегијата на Белата куќа ја одразува сложеноста на постигнување договори за царински и нецарински бариери, како што се забраните за увоз на земјоделски производи, особено кога роковите се кратки.

Повеќето трговски договори во минатото барале години на преговори.

Досега, единствените трговски договори се постигнати со Обединетото Кралство кое во мај се согласи на 10 отсто царина и доби преференцијален третман за некои сектори, вклучувајќи автомобили и авионски мотори, и со Виетнам, со кој беше договорено намалување на тарифите за многу виетнамски производи од 46 отсто на 20 отсто. Американски производи ќе може да влегуваат во Виетнам без царини.

Очекуваниот договор со Индија не се реализираше, а дипломатите од ЕУ во петокот изјавија дека не успеале да постигнат напредок во преговорите со администрацијата на Трамп и најавија дека можеби ќе бараат продолжување на статус-кво состојбата за да избегнат зголемување на церините.

Како функционираат новите царини на Трамп?

INFO