Повеќе од половина од корисниците на телекомуникациските услуги се задоволни од цените и квалитетот, а сумираното задоволство од цените е најголемо кај услугата фиксна телефонија со 69,6 проценти, по што следуваат телевизија со 63,3 проценти, интернет услуга со 62,4 проценти. Најниско задоволство има од цените на услугата мобилна телефонија со 55,9 проценти, покажуваат резултатите од Испитувањето на јавното мислење од аспект на заштита на корисниците на електронски комуникациски услуги на Агенцијата за електронски комуникации.
Анкетата е спроведена од 18 мај до 5 јуни годинава на случаен репрезентативен примерок од 1100 испитаници од популација на возраст од 18 и повеќе години, корисници на некоја од електронските комуникациски услуги: фиксна телефонија, мобилна телефонија, интернет и телевизија.
Во поглед на задоволството од квалитетот на услугите кои ги користат испитаниците, најголемо сумирано задоволство постои за услугата мобилна телефонија со 79,6 проценти, потоа телевизија со 72,9 проценти, задоволни од квалитетот на услугата за услугата интернет со 70 проценти, додека најниско задоволство постои од квалитетот за фиксна телефонија, 69,3 проценти, се наведува во анкетата.
Мобилна телефонија користат сите испитаници во примерокот. Корисници на мобилна услуга преку операторот А1 се 48,9 проценти, додека мобилна услуга преку Македонски Телеком користат 45,7 проценти од испитаниците. Од операторот Телекабел мобилна услуга користат 1,7 проценти, додека од МТел 3,6 проценти од испитаниците.