Белата куќа на американскиот претседател Доналд Трамп првично вети 90 договори во рок од 90 дена, откако делумно го паузираше процесот на воведување т.н. „реципрочни“ царини, објави Би-Би-Си.
Во реалноста, до претходниот краен рок кој го постави администрацијата на Трамп, 9 јули, не се постигнати ниту девет договори.
Индикација за слабост на американската позиција е продолжувањето на рокот од денеска до 1 август, со можност за нови одложувања во иднина.
Од американска перспектива, секретарот за финансии Скот Бесент изјави дека целото внимание било насочено кон 18-те држави кои се одговорни за 95 отсто од трговскиот дефицит на САД.
Писмата кои неделава САД ги испраќаат до своите трговски партнери претставуваат нова верзија на контроверзната табла „Ден на ослободување“ од Белата куќа.
Царинските стапки во писмата се во освноа речиси исти како оние што беа објавени на 2 април. Формулата што тогаш беше искористена, според која големината на дефицитот служи како индикатор за „вкупната трговска измама“, и натаму се применува во некоја форма.
Овие најави не предизвикаа пазарна нестабилност како што беше случај претходно годинава, поради дополнителното одложување.
Финансиските пазари очекуваат континуирани одложувања и се водат од теоријата „TACO“ – Трамп секогаш се повлекува („Trump Always Chickens Out“). Сепак, тоа може да ги охрабри другите страни да продолжат со одолговлекување, што потенцијално води кон нова криза.
Суштинскиот заклучок е неспособноста на администрацијата на Трамп да склучи трговски договори. Писмата се индиректно признание за неуспех, објави Би-Би-Си.
Иако Белата куќа применува цврст пристап, истото го прават и многу други земји.
Јапонија и Јужна Кореја беа меѓу првите кои добија писма, со кои дополнително се нарушуваат нивните трговски договори со САД.
Јапонските власти не го кријат својот гнев поради американскиот пристап. Јапонскиот министер за финансии дури навести дека би можеле да го искористат фактот што се најголеми сопственици на американски државен долг како средство за притисок.
Динамиката од април досега не се промени многу.
Остатокот од светот гледа дека пазарите ги казнуваат САД кога трговска војна изгледа реална, кога американските трговци ја предупредуваат Белата куќа за зголемени цени и празни полици.
Сѐ уште е во тек и судски процес кој може да ги прогласи царините за незаконски.
Истовремено, светот почнува да ги чувствува и нумеричките последици од нарушениот глобален трговски систем.
Вредноста на доларот годинава опадна за 10 отсто во однос на повеќе валути.
На сослушувањето за потврда на функцијата, Бесент изјави дека очекуваното зголемување на вредноста на доларот ќе помогне да се ублажи инфлаторниот ефект од царините. Сепак, се случи спротивното.
Трговските показатели исто така почнуваат да се менуваат. По првичниот голем увоз пред воведувањето на тарифите, сега се бележат значителни падови.
Кинескиот извоз во САД годинава опаднал за 9,7 отсто.
Но, испораките од Кина во остатокот од светот се зголемени за 6 отсто. Ова вклучува зголемување од 7,4 отсто кон Велика Британија, 12,2 отсто кон земјите-членки на АСЕАН и 18,9 отсто кон Африка.
Иако бројките се нестабилни, тие се во согласност со предвидувањата.
Приходите од царини почнуваат да се слеваат во американскиот буџет, при што мај забележа рекорден износ.
Додека САД градат ѕид од царини околу себе, остатокот од светот сѐ повеќе тргува меѓусебно како што покажуваат неодамнешните економски договори помеѓу Обединетото Кралство и Индија, како и Европската Унија и Канада.
Вреди да се спомене дека ефективната царинска стапка што САД ја наметнува на остатокот од светот сега изнесува околу 15 отсто, во споредба со 2 до 4 отсто во последните 40 години. И тоа е пред дополнителните измени наведени во новите писма.
Реакцијата на пазарите засега е смирена. Но, не мора да остане така.