Под ѕвезденото небо на Античкиот театар во Охрид, синоќа величествено беше отворено јубилејното 65. издание на фестивалот „Охридско лето“ со моќните ноти на Бернштајн, Гершвин и Имери.
На сцената настапија реномираната американска пијанистка Клер Хуангчи и Македонската филхармонија под диригентската палка на маестро Едвин Оутвотер, во програма која го одрази духот на фестивалското мото – „Трансформација на сетилата“. На репертоарот беа „Приказна од западната страна”, „Рапсодија во сино” и „Пајдушко“ од Дамир Имери во блескавата изведба на уметниците.
Дополнително изненадување на вечерта беше самата Клер Хуангчи – пијанистката настапи со целосна посветеност, иако очигледно во поодмината бременост. Со извонредна визија, уметнички израз и техничка прецизност, таа уште еднаш покажа што значи вистински професионализам и љубов кон музиката.
Актерот, Ѓорги Јолевски беше еден од говорниците на свеченото отворање, опишувајќи го тој чин како знак на пркос.
„Во време кога зборот се губи во бучавата, а мислата се потиснува од брзината, уметноста е чин на отпор – неагресивен, контемплативен. Вечерва не ја славиме уметноста затоа што е најважна, туку затоа што е неопходна“, рече актерот Ѓорѓи Јолевски, со моќна порака која допре до публиката. Почитуваниот актер изјави и дека живееме во време на војни, каде човечкиот живот е девалвиран, а политичката реторика е театар без катарза. Во таков свет, рече Јолевски, уметноста не е луксуз, туку нужност – апел да се потсетиме што значи да се биде човек.
Моќен говор одржа и министерот за култура Зоран Љутков, кој истакна дека уметноста се случува, се памети и се вградува во нашата колективна меморија. За фестивалот потенцира дека не е само програма, туку духовен завет, трајна врска меѓу минатото и иднината.