Царинската управа во изминатата година јасно демонстрира дека може да биде вистински сервис на државата, граѓаните и стопанството, што е и основната мисија на секоја државна институција – да служи со ефикасност, отчетност и транспарентност, потенцирашеминистерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска на настанот „Една година резултати“ во Царинската управа.
„Кога институциите се водат од луѓе со интегритет и одговорност, успехот е неминовен,“ изјави министерката, обраќајќи се до премиерот Христијан Мицкоски, директорот на Царинската управа Бобан Николовски и царинските службеници.
„Значајниот раст на увозните давачки, кои покажуваат двоцифрена стапка на пораст во текот на годината, е тренд кој започна уште во минатата година со доаѓањето на новото раководство. Последните податоци покажуваат зголемување од дури 16% во споредба со истиот период минатата година – и тоа не е случајност. тоа е резултат на конзистентна примена на законите и унапредени процеси,“ додаде Димитриеска Кочоска.
Министерката порача дека Царинската управа ќе продолжи да биде столб на стабилноста и поддршка на фискалната дисциплина во државата.
Царинската Управа изминатава година запленила 230 употребувани автомобили, 230 kg дрога, 600 kg анаболици, злато во вредност од речиси 500 000 евра, 30 kg сребро, над 200 kg лекови, 10 000 kg суплементи и 400 000 парчиња цигари и пури. Во 94 случаи на повреда на интелектуална сопственост одземени се 180 000 парчиња фалсификувана стока.