„Специјалниот третман“ на Македонија во целиот евроинтегративен процес, во тој миг што требаше да претставува почеток на преговорите, беше изразен преку „креативноста“ за две меѓувладини конференции, од кои втората сè уште не е одржана. Условот за одржување на втората меѓувладина конференција и започнување на преговори преку отворање на поглавјата (кластерите) од преговарачката рамка (позната како „француски предлог“) е спроведување на уставни измени, т.е. внесување на Бугарите во преамбулата на македонскиот Устав, како малцинство со „специјален статус“. Уште во текот на преговорите за конечната верзија на преговарачката рамка, која доби и два анекс–протоколи, на сите вклучени во „играта“ им беше јасно дека во Македонија нема услови за спроведување на тие уставни измени. Тогашната опозиција (сега власт) организираше протести поради таквиот ултиматум и категорично одбиваше да го исполни двотретинското мнозинство во Собранието, потребно за изгласување на уставни измени.
Оттогаш во Македонија имаше промени во општествено политичкиот амбиент, па сега актуелната влада се обидува да издејствува одредени гаранции од ЕУ дека тоа би бил последен услов од билатерален карактер во преговарачкиот процес, односно дека преговорите ќе се одвиваат според Копенхашките критериуми, како за сите досегашни кандидати и членки на Унијата. Во Бугарија повеќе пати се сменија влади во овој тригодишен период, политичкиот амбиент е мошне нестабилен, но се чини дека единствената точка на единство на политичките субјекти во оваа земја – е непопустливост во однос на условот во „францускиот предлог“ за Македонија. За ЕУ пак се чини дека е задоволна од „инвентивноста“ на својата бирократија што создала ситуација која изгледа како земјата – кандидатка, во случајов Македонија, да се блокира самата себеси.
Со така поставени позиции, Македонија стигна до третата година со „францускиот предлог на маса“, што предизвикува прашања дали вака креираната преговарачка рамка ја приближи или оддалечи државата која за ЕУ (и НАТО) си го смени името, во процесот на пристапување во Унијата.
Поранешниот македонски амбасадор во Бугарија, Марјан Ѓорчев смета дека „францускиот предлог“ е толку деградирачки, што Македонија ја вратил во преткандидатски статус, а Европската Унија ја оддалечил од сопствените декларирани вредности и принципи. Единствената придобивка за Бугарија пак, е тоа што ѝ наштетува на Македонија.
„Без никакво двоумење, по тригодишна временска дистанца – ‘францускиот предлог’ ја оддалечи Македонија од ЕУ, но и Унијата од нејзините декларирани вредности и принципи. Од самата нетранспарентна процедура на изгласување на информацијата во Собранието, каде што пред пратениците не беше претставена содржината на преговарачката рамка, ниту извештајот на ЕУ за преговарачкиот процес, а ниту анекс-протоколите, кои се ужасни стапици за македонската историја и идентитет – целиот процес е практично компромитиран. Предлог-заклучоците беа изгласани со 68 гласа и еден воздржан, а веројатно се очекуваше и планираше двотретинското мнозинство за уставни измени да се спроведе како претходно, за усвојување на Преспанскиот договор, со ‘балкански методи’ на уцени на пратениците. Целиот процес на креирање на ‘францускиот предлог’ беше замаглен и нетранспарентен, а тогашните претставници од власта даваа контрадикторни изјави – прво дека не учествувале во договорите, а потоа дека биле вклучени во креирањето на рамката и условите. Она што претставува преседан за Македонија и за ЕУ, е што со предлог-преговарачката рамка за Македонија се воведува билатерализацијата во процесот на проширување. Во текстот на ‘францускиот предлог’ се наведуваат јасно Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добросоедство со Бугарија, кои се билатерални договори на Македонија со соседите. Уставните измени се јадица, како онаа на Меј, Меркел и Јункер за промена на името на Македонија, со што наводно требаше да се откочат интегративните процеси, односно, шарена лага за мали земји“, вели амбасадорот Ѓорчев.
Според амбасадорот, а и поранешен министер во македонските влади, Марјан Ѓорчев, европскиот пат на Македонија никогаш не бил лесен од политички причини на соседите, но сепак имаме напредувано на тој пад во поглед на реформите, односно европеизација на општеството и државата, во многу аспекти. Тој и самиот, во разни фази и во различна улога бил дел од процесот на спроведување на европските реформи и смета дека секогаш кога сме напредувале кон ЕУ, тоа било во ситуација кога тогашните влади покажувале цврст, енергичен и принципиелен став.
„Прашањата на малцинствата што се вградени во ‘францускиот предлог’ за Македонија се нерешливи проблеми од аспект на европските вредности за човекови права. Односно, со таквата преговарачка рамка за Македонија, ЕУ воспоставува двојни стандарди во однос на универзалните човекови права. Една позиција за игнорирање на човековите права на Македонците во Бугарија, за што има пресуди и од Европскиот суд за човекови права; а друга позиција на условување на Македонија за уставни права на оние што се изјаснуваат за Бугари во земјава. Уставот е правниот ‘рбет на државата, а со вакви уставни условувања во предлог-преговарачката рамка, ЕУ практично ја враќа Македонија во предкандидатски статус. Добрососедството како Копенхашки критериум, гледано во контекст на малцинствата не е решен ни завршен процес ни кај земјите-членки на ЕУ: меѓу Словенија и Австрија, Полска и Германија, па и Словенија и Хрватска… Принципиелно решение би било добросоедските односи да се решаваат во просецот на преговори, а не да бидат услов за почеток на преговори“, вели Марјан Ѓорчев.
Ивица Боцевски, амбасадор и поранешен вицепремиер за евроинтеграции, цени дека „францускиот предлог“ е „капката што ја прелеала чашата“ на недовербата на македонските граѓани спрема политичката опција која лекомислено и послушнички ги прифаќала сите „непристојни“ предлози и уцени ЕУ и нејзините земји- членки, по авантурата со Преспанскиот договор со Грција.
„Таканаречениот ‘францускиот предлог’ беше буквално ‘капката која што ја прелеа чашата’. Воедно, целиот тој процес претставува показна вежба како не се води надворешна политика и како ситните политички пресметки може да доведат до стратегиски грешки и загрозување на државните интереси. По превратот во 2017 година, наместо да се сосредоточи кон прокламираните цели на ‘шарената револуција’, односно натамошна демократизација, владеење на правото, меритократија, професионализација и борба против корупцијата – владите предводени од Заев втренчено работеа само на Преспанскиот договор.
Очекувањата беа дека тоа ќе произведе некаква deus ex machina, како за државата, така и за нивниот политички опстанок. Со други зборови, сметаа дека промената на името ќе им овозможи меѓународна поддршка за владеење, дури и наспроти демократската волја на граѓаните, како и дека ќе бидат отстранети од јавниот живот сите опозициски гласови. Ништо од тоа не се случи!“, констатира Боцевски.
Амбасадорот Боцески проценува дека Владата на Димитар Ковачевски влегла во невидена авантура со „францускиот предлог“ само за ситна политичка добивка.
„Во 2022 година, тогашната влада на Димитар Ковачевски беше во очај и се изнаслушавме за најфантастични политички заговори како да се спречи подемот на опозицијата и нивниот изборен слом. Се фаќаа како ‘давеници за сламка’, па договорот Петков – Ковачевски требаше да послужи за моментална и куса политичка корист пред јавноста, односно легитимација на тогашната владата на СДСМ и на ДУИ како единствена ‘проевропска опција’. Владата влезе во невидена авантура само за ситна политичка добивка. Но, граѓаните на Македонија веќе не можеа да толерираат нови авантури. За нашата јавност воопшто не е спорно прашањето дека Македонија припаѓа на ЕУ и дека тоа е стратегиската цел. Но, никако по досегашните скапо платени авантури кои што повторно ја однесоа земјата кон беспаќе наместо кон Брисел“, вели Боцевски.
И покрај сите непринципиелности во „францускиот предлог“, Боцевски смета дека македонскиот пат кон ЕУ има демократска поддршка од граѓаните, но сепак не постои согласност за натамошни отстапки кон национализмите и шовинизмите на соседите.
„Не постои надворешна политика и дипломатија без јасна демократска поддршка. Умешноста на политичарот не е да ја прелаже, измами и погази демократската волја на граѓаните, туку да ја води надворешната политика во согласност со демократските стремежи на домашната јавност. Македонскиот пат кон ЕУ има демократска поддршка од граѓаните, но не постои согласност за натамошни отстапки кон национализмите и шовинизмите на соседите. Македонија во нејзината историја на независна држава никогаш не влезе во авантури да ги загрозува соседите, да се меша во нивните внатрешни работи и да крои политики кои го загрозуваат нивниот интегритет, сувереност и внатрешна политика. За жал, Преспанскиот договор и договорот Петков – Ковачевски задираат длабоко и во интегритетот, и во идентитетот на македонската државност и демократија. Оттаму е и противењето на граѓаните, па затоа мора да се пронајде решение кое што ќе ја земе предвид демократската волја на граѓаните – тоа е анализата на векторите на внатрешната политика. Кај надворешната политика проблемот е многу поедноставен и произлегува од фактот што Бугарија не му приоѓа на ова прашање со добра волја, фактот што ЕУ и натаму е индиферентна кон балканските прашања, но најзначаен е фактот што Брисел уште нема донесено конечна одлука за скорешно полноправно членство на земјите од Западниот Балкан во Унијата“, анализира амбасадорот Ивица Боцевски.
Јасминка Павловска
The post Францускиот предлог ја врати Македонија во преткандидатски статус за ЕУ appeared first on МКД.МК.