Маестрална театарска игра на Охридско лето: „12“ – претстава за предрасудите, стереотипите и стравовите на денешното општество

Маестрална театарска игра на „Охридско лето“ донесоа вчеравечер извонредните актери на Македонскиот народен театар играјќи ја претставата „12“ работена по мотивите на теледрамата „12 гневни луѓе“ од Реџиналд Роуз, совршено адаптирана на денешницата од режисерот Синиша Ефтимов.

Претставата што ја обедини елитата на македонското глумиште е всушност е декларација за човечката неспособност и некомпетентност.

Во затворена просторија, дванаесетмина од различни општествени слоеви, со различни погледи и ставови, се соочија меѓусебе обидувајќи се да донесат правична пресуда.

Дванаесетчлената порота, по презентирањето на доказите од страна на обвинителството и одбраната, имаше задача да одлучи дали да осуди или да ослободи момче кое е обвинето за убиството на неговиот татко.

На почетокот сите се убедени во вината на обвинетиот, но еден поротник со своите сомнежи кон докажаното ја започнува интензивната и жолчна дебата во поротничката соба во која почнаа да излегуваат на виделина предрасудите, стереотипите и стравовите на секој од поротниците.

INFO