Договорот со Бугарија е најлесен за раскинување, поголем товар е преговарачката рамка на ЕУ

Покрај сите непринципиелни парадокси во македонскиот случај на евроинтегрирање, парадоксот со Договорот за добрососедство е што во него воопшто не се спомнува ниту бугарско малцинство во Македонија, ниту пак се бараат некакви уставни измени. Всушност, преку „алхемијата на францускиот предлог“, елементите на „заедничка историја“ и историската комисија наведени во Договорот за добрососедство  се трансформираа во „човекови права на бугарското малцинство“ во Македонија, кое Бугарија со континуирана примена на параполитички методи со крајни напори настојува да го создаде.

Можеби ЕУ под „бугарско малцинство“ во Македонија смета на бројката од 3.504 Бугари, изјаснети на пописот од 2021 во земјава, но Бугарија своите амбиции со условот за уставни измени ги темели на своите пасоши што од 2007 година, кога стана членка на Унијата, успеала да им ги додели на македонските државјани. А бројката со која оперира Бугарија за пасошите што им ги доделила на Македонците е често резултат на тамошната административна фантазија и се движи од 80 до 250 илјади.

Во секој случај, и покрај сите неегзактни докази и недефинирани бројки за актуелното постоење на Бугарите во земјава, Македонија треба да ги внесе во својот Устав, ако сака да почне преговори за членство во ЕУ, по 20-годишен кандидатски статус. Притоа, Бугарија, а и ЕУ целосно го игнорираат прашањето на македонското малцинство во Бугарија, потврдено со 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права.

Во таков уценувачи контекст, во кој ЕУ се прави дека не препознава како Бугарија го негира и загрозува постоењето на македонскиот национален идентитет со сите негови атрибути (јазик, историја, традиција), Македонија е практично принудена да бара дипломатски излез од уцените кои се непримерни за меѓународните односи во 21 век, а влечат корени од 19 век. Повеќе иницијативи од македонска страна за надминување на состојбата, во духот на официјалното име на договорот, со добрососедство и пријателство, од бугарска страна биле дочекани со резолуции, декларации, меморандуми од нивното Собрание и другите политички структури со сè подрски очекувања и барања од Македонија. Веројатно и затоа, последната иницијатива од македонска страна, за заедничка македонско-бугарска резолуција во Европскиот парламент за признавање на македонскиот јазик и идентитет, го прелеа и трпението на македонската научна и културна јавност, оценувајќи ги таквите дипломатски иницијативи како играње руски рулет со неприкосновеноста на категориите кои го потврдуваат македонското национално постоење.

Од бугарска страна, и речиси по една недела нема никаков одговор на оваа македонска иницијатива, а не би било изненадување бугарското собрание да донесе уште една радикална резолуција за пристапувањето на Македонија во ЕУ.

Како еден од можните излези од овој очигледно уценувачки процес, некои политики аналитичари во Македонија го гледаат во раскинувањето, односно напуштањето на Договорот за добрососедство од 2017 година. Според нив, со раскинувањето на тој договор, автоматски „паѓаат во вода“, условите во преговарачката рамка, поврзани со историската комисија, а додадени со анекс-протоколите.

Всушност, поранешниот македонски дипломат, Ристо Никовски, е конзистентен во ставот дека „под итно треба да го откажеме вториот протокол со Бугарија, со што автоматски паѓа во вода ултиматумот да го менуваме Уставот, како и самата преговарачка рамка, со која никогаш нема да влеземе во Унијата“.

Универзитетската професорка, Билјана Ванковска смета дека Договор за добрососедство со Бугарија, всушност е најлесен за раскинување и дури не треба ни да се образложува, иако имаме многу аргументи дека всушност Бугарија не ја исполнува онаа одредба за поддршка на Македонија во пристапувањето кон Европската Унија, односно напротив – го попречува.

„Никаде во тој Договор за добрососедство не пишува дека мора да се образложат причините зошто се раскинува. Доволно е една од страните да упати дипломатска нота до другата страна, и во рок од 12 месеци, тој договор не претставува обврска за ниту една од страните. Во таа смисла, договорот со Бугарија е најлесен за раскинување, зашто е исклучиво билатерален меѓу двете држави, за разлика од Преспанскиот договор, во кој освен Македонија и Грција се инволвирани и Обединетите Нации. Можеби е зачудувачки, но исто толку лесно за напуштање е и членството во НАТО, со упатување на дипломатска нота до Стејт департментот во Вашингтон“, вели професорката Ванковска.

Сепак, раскинувањето на Договорот за добрососедство не значи и акт за непријателство спрема Бугарија, појаснува Ванковска. Таа смета дека и самиот договор е анахрон механизам во меѓународното право, од времето кога меѓународните односи не биле регулирани со акти на меѓународни наднационални институции, како Обединетите Нации, ОБСЕ, НАТО, Советот на Европа.

„Според Повелбата на Обединетите Нации, на кои им припаѓаат и Македонија, и Бугарија, се подразбира дека државите се мирољубиви и меѓународните односи ги воспоставуваат според одредбите што ги прифатиле во повелбата. И самиот Договор за добрососедство е еден анахрон механизам, од 19 век, кога се склучувале договори за ненапаѓање, кога не постоеле меѓународни организации како ОН, ОБСЕ, НАТО, Советот на Европа, организации на кои и двете земји се членки. Компас во нашите билатерални односи треба да ни бидат принципите од Повелбата на Обединетите Нации. Во краен случај, со раскинување на договорот од 2017 година, би се вратиле на оној претходен договор од 1999 година, кога Македонија практично ѝ направи услуга Бугарија за таа да ги започне преговорите за членство во ЕУ, потврдувајќи ѝ дека нема проблеми со соседите, односно дека го исполнува критериумот за добрососедство, што сега нам Бугарија ни го проблематизира“, вели професорката Билјана Ванковска.

Поранешниот амбасадор на Македонија во Бугарија, Марјан Ѓорчев наведува дека Македонија и Бугарија имаат потпишано 55 меѓународни договори, кои се спроведувале и пред Договорот за добрососедство, кој сега на многу непринципиелен начин е внесен во преговарачката рамка на ЕУ за Македонија.

„Факт е дека сега договорот не функционира, според она како е насловен – за добрососедство и пријателство, а ЕУ инсистира дека договорите треба да се почитуваат. А самата ЕУ го искомплицира тој билатерален договор меѓу Македонија и Бугарија и излезе надвор од Копенхашките критериуми, внесувајќи го во преговарачката рамка за Македонија. Кога договорот не функционира, логично е дека се потребни измени и дополнувања. Всушност, може и Бугарија да го раскине, ако смета дека не ги исполнуваме условите од договорот. Но мора да има отворање на дијалог за тоа зошто не функционира договорот, кој е внесен во еден европски документ. Ние, како Македонија, имаме капацитет да преговараме со Бугарите. Иако не сум за револуционерни чекори, односно веднаш да се раскине договорот, сепак постои и таа опција, предвидена во член 13, став 5. Во тој случај би се вратиле на билатералниот договор од 1999 година… Всушност, Македонија и Бугарија имаат потпишано 55 меѓународни договори, кои се спроведувале во билатералните односи, а со внесувањето на овој договор (наводно) за добрососедство од страна на ЕУ во преговарачката рамка за Македонија, Унијата официјално воведе билатерализација на процесот за проширување и предизвика дури и нарушување на билатералните односи“, вели амбасадорот Ѓорчев.

Сепак, останува прашањето како раскинувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија би се одразил на понатамошниот процес на Македонија за пристапување во ЕУ.

„Дури и да го раскинеме Договорот за добрососедство со Бугарија, нам ни останува европската рамка (францускиот предлог), која ја прифативме со заклучоците во Собранието, изгласани на 16 јули 2022 година. За ЕУ нема значење на каков начин се изгласани тие заклучоци, за нив тоа значи дека обврската е прифатена. Затоа, поголем товар за нас е преговарачката рамка. Проблемот за нас е што немаме план Б за оваа ситуација, освен да ѝ кажеме на ЕУ дека процесот со уставните измени го ставаме на стенд бај. Ако во ЕУ инсистираат Украина која е во војна да влезе во Унијата, нонсенс е Македонија да остане надвор. Всушност, ЕУ и не е толку принципиелна, па ако геополитичкиот интерес е поголем (страв од руско, кинеско… влијание), сè ќе пуштат низ вода, сите принципи, критериуми и услови  за зачленување во Унијата“, вели Билјана Ванковска.

Јасминка Павловска     

INFO