„Мајка“ на Теона Стругар-Митевска распродаден за европска дистрибуција пред премиерата во Венеција

Филмот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска, кој ќе ја отвори престижната селекција „Хоризонти“ на годинешниот 81. Венецински филмски фестивал, веќе е распродаден за кинодистрибуција во над 15 европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска, Белгија и други.

Филмот ќе почне да се прикажува во европските кина од 3 декември, што претставува редок и исклучителен успех за една македонска продукција да обезбеди киноприкажување пред светската премиера.

„Овој извонреден интерес за ‘Мајка’ е доказ дека филмот има потенцијал да стане еден од најистакнатите европски филмови оваа година“, велат од француската агенција „Кинолоџи“, која е задолжена за светска продажба и дистрибуција.

„Филмот ‘Мајка’ е извонредно уметничко дело. Гордост ни е што овој филм, зад кој стојат визијата на Теона Стругар-Митевска и посветеноста на целата авторска екипа, го носи печатот на македонската креативност, но и професионализам. Неговото претставување на отворањето на еден од најреномираните светски фестивали, Венецискиот, е доказ дека македонската уметност може рамноправно да чекори со светот. ‘Мајка’ покажува дека кога уметниците се поддржани, а државата има слух за културното творештво, се раѓаат дела што говорат на универзален јазик. Министерството за култура и туризам ќе продолжи решително да поддржува проекти од ваков калибар, кои не само што ја афирмираат македонската култура дома туку ѝ обезбедуваат видливост и признание на најпрестижните сцени во светот“, изјави денеска на прес-конференција министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.

Филмот ќе ја има својата светска премиера на 28 август 2025 година во Венеција отворајќи го првиот натпреварувачки ден во селекцијата „Хоризонти“, која е посветена на иновативни естетски и наративни филмски форми. Тој ден во Венеција ќе се прикажат само два филма: La Grazia, напишан и режиран од оскаровецот Паоло Сорентино, и македонскиот „Мајка“ на Теона Стругар-Митевска.

Главната улога ја толкува шведската ѕвезда Номи Рапас, светски позната по улогата во „Девојката со тетоважа на змеј“, заедно со Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик и Силвија Фокс како сестра Агнешка. Режисерката Теона Стругар-Митевска истакна дека токму нивната хемија и доверба на сетот биле клучни за автентичноста и интензитетот на филмот. Европските дистрибутери веќе ја препознаваат нивната изведба како еден од најсилните адути на филмот.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Данска и Босна и Херцеговина, снимен на три континенти, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Шведскиот филмски институт, регионални фондови и други партнери.

„Мајка“ ќе се натпреварува во повеќе категории во Венеција вклучувајќи: најдобар филм, режија, сценарио и актерски остварувања. Премиерата на 28 август е само почеток на неговото европско и светско фестивалско патување.

INFO