„Амадеус“- претстава што ги отвори прашањата за генијалноста и просечноста

Драмскиот репертоар на фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер донесе премиера на театарската претстава „Амадеус“ од Петар Шефер, во режија на Андреј Цветановски, а во изведба на Турски театар-Скопје.

Селпин Ќерим, Јеткин Сезаир, Слаѓана Вујошевиќ, Аксел Мехмет, Џенап Самет, Бурханедин Ибрахим, Емине Халил, Озан Илдриз и Игбал Саидова на сцената во Центарот за култура „Григор Прличев“ покажаа врвна актерска игра, носејќи ја приказната за Моцарт и за неговите талент и генијалност.

Во полето на музиката, еден од малкуте кои го задолжиле човештвото со своите композиции и оставиле печат на своето време е Волфганг Амадеус Моцарт. Но не и признание од своите современици. Освен од еден, Антонио Салиери, неговиот вечен непријател и единствениот човек кој ја препознава неговата генијалност. И заради таа генијалност, тој станува негов најголем непријател. Салиери, го носи проклетсвото да ја познава музиката толку добро да може да го препознае божественото во Моцарт, но никогаш да не создаде нешто толку совршено.

-Оваа претстава зборува за едно чувство што го носиме многу од нас уметниците, а тоа се јавува секогаш кога ќе дојдеме во контакт со генијалноста на некакво поле. Моцарт бил еден од тие луѓе, некако во своето време непризнаен од публиката и општеството бидејќи бил најверојатно пред своето време. Само Салиери кој можел да ја препознае таа генијалност пробува да го рационализира фактот дека тоа не е можно да е некој човек, туку мора Господ да зборува преку него. Тоа претставува еден триаголник на борба помеѓу Салиери, Господ и инструментот на Господ-Моцарт. Низ таа призма се обидовме да создадеме, и мислам дека создадовме претстава којашто тече како една музичка партитура. Се надевам дека публиката уживаше во неа и се надевам дека успеавме да ги отвориме тие прашања за генијалноста и просечноста како што би рекол Салиери и судирот меѓу двете, рече режисерот Андреј Цветаноски.

Цветаноски не го поставува Шефер првпат на сцената а според него, актерите од Турскиот театар се посебни по многу нешта.

-За мојата дипломска работа ја работев претставата „Салиери“ според текстот „Амадеус“ од Питер Шефер и уште тогаш бев решен и сакав уште еднаш да ја поставам пак, со повеќе ликови бидејќи првата беше доста камерна. Многу ми е драго што соработувам со Турскиот театар и заедно со нив најдовме заеднички јазик во однос на тоа да се оствари таа моја желба да го работам „Амадеус“ повторно бидејќи турскиот ансамбл е навистина посебен по многу нешта а најмногу по подготвеноста да играат заедно и да играат во рамките на концептот за којшто сме се договориле и тоа да го прават до крај, појасни режисерот на претставата „Амадеус“, Андреј Цветаноски.

INFO