По недели на тензични преговори меѓу нивните највисоки трговски претставници, Европската унија и САД конечно постигнаа рамковен договор за меѓусебна трговија, само еден ден пред новата рунда царински преговори на Америка со Кина. На крајот, за да се постигне договорот беше потребно лидерите од Вашингтон и Брисел да се сретнат лично, објави Би-Би-Си.
Како и во другите случаи, токму личната вмешаност на претседателот Доналд Трамп ја направила пресвртницата дури и кога изгледите за договор биле мали.
Овој договор е важен за двете страни бидејќи, како што вели ЕУ, станува збор за „најголемата билатерална трговска и инвестициска релација во светот“, од која зависат многу бизниси и работни места.
Администрацијата на Трамп го слави договорот како голема победа, и на многу начини тоа навистина е така, пишува Би-Би-Си. Но, додава дека не може да се нарече целосен пораз за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„Целата европска јавност сега го фали претседателот, фасцинирана од договорот што го испреговара во име на Американците“, напиша потпретседателот Џеј Ди Венс на социјалната мрежа X. „Утре, американските медиуми сигурно ќе објават наслов како ‘Трамп доби само 99.9% од тоа што го бараше’“, додаде тој.
Трамп го нарече „најголемиот договор што некогаш бил постигнат“.
За ЕУ, утеха е што наместо најавените царини од 30 отсто, сега ќе се соочува со царини за извозот во САД од 15 отсто. Но и тоа претставува значителен чекор назад, бидејќи новата стапка е далеку повисока од претходната, како и од царините од 10 отсто кои ги плаќа Обединетото Кралство.
Сепак, Брисел може да се пофали дека за иозвоз на клучни производи, вклучително и за фармацевтски производи и полупроводници, ќе важи пониска царинска стапка. Европските производители на автомобили исто така ќе плаќаат 15 отсто царина, наместо глобалната стапка од 25 отсто воведена во април.
Но, како што рече Трамп, за возврат, „ЕУ ги отвора своите пазари со нула царини“ за американски производи.
Сепак, европскиот челик и алуминиум ќе продолжат да бидат обременети со 50 отсто царина при увоз во САД.
Брисел со недели се обидуваше да се прикаже како цврст преговарач, најавувајќи реципрочни мерки што би погодиле американски стоки во вредност од 100 милијарди евра. Во мај беше објавена листа на 217 страници со потенцијални мети, од добиток, па сè до авионски делови и виски.
Но, Европската комисија влезе во преговорите со ослабени адути. Економскиот раст е бавен, а Европската централна банка предупреди дека „средината останува исклучително неизвесна, особено поради трговските спорови“.
Овој договор отстранува дел од таа неизвесност, а Европската комисија, која преговара за сите 27 членки на ЕУ, процени дека тоа вреди, дури и ако царините на Трамп од 15 отсто ја намалат конкурентноста на европските производи.
Дополнително, Европа и понатаму е силно зависна од САД во сферата на безбедноста. Во позадина на преговорите, Брисел сигурно размислува и за можноста Трамп да го прекине снабдувањето со оружје за Украина, да ги повлече американските трупи или дури да излезе од НАТО.
За Трамп, кој веќе славеше договор со Јапонија минатата недела, ова е уште една голема победа. Договорот ќе донесе околу 90 милијарди долари во царински приходи за американскиот буџет според податоците од минатогодишната трговија.
Како дел од договорот, ЕУ ќе купи американски енергетски производи и оружје вредни стотици милијарди долари. Трамп рече дека ЕУ ќе ги зголеми инвестициите во САД за 600 милијарди долари, вклучително и во американска воена опрема, и ќе потроши 750 милијарди долари на енергија.
Договорот се претставува како историски момент во односите меѓу Вашингтон и Брисел. До него не се стигна лесно. Двете страни играа „тврдо“ и никој не сакаше да попушти, но истовремено немаше интерес преговорите да продолжат по 1 август.
Трамп со години ја критикува трговската политика на Европа. Првата негова забелешка е трговскиот дефицит. Минатата година САД купиле стоки во вредност од 236 милијарди долари повеќе од ЕУ, отколку што ѝ продале.
Тој го гледа тоа како богатство што непотребно ја напушта Америка, иако меѓународната трговија е далеку покомплексна.
Втората негова замерка се строгите европски регулативи кои, според него, ја прават продажбата на американски производи потешка.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен ја призна потребата од ребалансирање на трговијата.
„Мора да го ребалансираме. Имаме одлични трговски односи. Тоа е огромен обем на трговија, и затоа ќе го направиме поодржлив“, изјави таа.
Овој договор покажува колку сериозно Трамп пристапува кон редефинирањето на начинот на кој САД како најголема економија во светот, водат трговија со остатокот од светот.
Со оглед на тоа што ЕУ е составена од 27 различни земји, постигнувањето на овој договор претставува особено тежок подвиг.
Само неколку дена претходно, САД постигнаа голем договор и со Јапонија, а веќе има договори и со Обединетото Кралство, Виетнам и Индонезија.
Остануваат уште трите најголеми поединечни трговски партнери на САД: Мексико, Канада и Кина.
А со Трамп во расположение за договори, можно е да има нови позитивни вести за светската економија во следните 48 часа.
Токму денес и утре, САД и Кина одржуваат нова рунда трговски разговори во Стокхолм, Шведска. Се очекува ново суспендирање на високите царини за наредните 90 дена.
Пред неколку дена Трамп рече дека „многу добро се согласуваме со Кина“, и посочи дека главниот спор околу извозот на ретки метали е надминат.
Со договорот со ЕУ веќе обезбеден, Вашингтон сега влегува во преговорите со Пекинг со зајакната позиција.
Но Кина досега се покажа како потврд партнер во споредба со другите. И ако разговорите со Пекинг не успеат, глобалната трговија би можела да се соочи со нови пореметувања во следните месеци.