Камерниот ансамбл „Консонанс“ со концертот „Мозаик“ вчеравечер се претстави пред публиката на фестивалот „Охридско лето“.
Извонредните уметници, флејтистката Елена Дојчинова, Маја Чанаќевиќ која свири на англиски рог, кларинетистот Здравко Ангелов, Сашо Темелковски на бас-кларинет и Дарко Илиевски на хармоника кои се и професионални музичари во Македонската филхармонија, ја збогатија фестивалската програма на класична музика со дела напишани од македонски композитори.
Концертната вечер започна со „Минијатури“ од Благој Цанев, припадник на четвртата генерација македонски композитори.
-Ова е посебно дело што сакам да го потенцирам бидејќи токму на вчерашниот концерт доживеа премиерна изведба во оваа верзија и за овој ансамбл. Композицијата „Минијатури“ е дело од македонскиот композитор Благој Цанев којшто почина пред пет години и оваа година, ние, на овој начин, јубилејно ја одбележуваме петгодишнината од неговата смрт изведувајќи го ова дело во овој состав. Инаку, аранжманот за овој состав го направи неговиот внук, Филип Иванов, којшто е исто така композитор, вели Маја Чанаќевиќ.
Второто дело што го изведоа уметниците од Консонанс ансамбл „Мозаик“ е посветено и напишано токму за овој состав од Филип Иванов, кој припаѓа на најмладата генерација македонски композитори. На концертниот репертоар беа уште неколку композиции од композиторот Дарко Илиевски кого публиката во црквата „Света Софија“имаше можност да го види со својата хармоника како дел од овој ансамбл.
-Дарко Илиевски свири хармоника, но е и композитор кој пишува прекрасна музика што се базира на македонскиот фолклор. Тоа не се аранжмани на македонски фолклор, туку комплетно нови композиции кои само се инспирирани од македонскиот фолклор, појаснува Чанаќевиќ.
Според неа, „Охридско лето“ преку застапеноста на македонските музичари и композитори на фестивалската програма покажува дека негува посебен однос и почит кон македонското музичко творештво.