Засега се знае дека за интерпелацијата ќе гласаат пратениците на Левица, СДСМ се изјасни дека се против, лидерот на ЗНАМ Максим Димитриевски изјави дека нивните пратеници ќе ја поддржат интерпелацијата, додека ВМРО-ДПМНЕ се уште не соопштила како ќе се изјасни, а ДУИ најави дека тоа ќе го направат денеска.
На новинарско прашање во врска со тоа како ќе гласаат пратениците од ВМРО-ДПМНЕ за интерпелацијата на Коцевски премиерот Христијан Мицкоски вчера кажа дека како политичка партија и тој како човек не ги менуваат ставовите преку ноќ.
„Јавноста ќе види утре, но ние како политичка партија и јас како човек не ги менувам ставовите преку ноќ, одговори Мицкоски.
Левица во интерпелацијата доставена до претседателот на Собранието посочува дека ја поднесуваат поради непочитување на уставните и законските обврски.
„Интерпелацијата ја засноваме на следниве индиции, факти и правно-релативни наводи: селективни кривични истраги за трагедијата во Кочани, логистички влијанија врз работата на Јавното обвинителство, функционален хаос во Вишото јавно обвинителство-Скопје, непостапување по службена должност за дивоградбите на урбаната мафија во Скопје“, се вели во интерпелацијата објавена на веб-страницата на Собранието.
Од почетокот на мандатот на јавниот обвинител Коцевски, се вели во интерпелацијата, во Јавното обвинителство владее нефункционална и токсична атмосфера, неажурност во постапките, а забележани се и надворешни политички влијанија врз неговата работа, за што е одговорен Коцевски.
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски во петокот достави писмен одговор на интерпелацијата поднесена од пратениците Димитар Апасиев, Борислав Крмов, Реџеп Исмаил, Јована Мојсоска, Амар Мециновиќ и Сашко Јанчев. Во неа, тој наведува дека функцијата ја врши чесно и одговорно, со максимално почитување на начелата на транспарентност и отчетност, дека интерпелацијата е законски недозволена и дека институцијата е предмет на неосновани напади и тие се причина за ниската доверба во јавноста.
Во писмениот допис тој посочува дека иако поднесената интерпелација е недозволена согласно закон, фактот што подносителите без никаков аргумент бараат негова одговорност, покажува дека оваа интерпелација е политички, а не правно заснован инструмент со кој се овозможува упад во самостојноста на Обвинителството.
„Постапката за одговорност на јавниот обвинител на РСМ е уредена со Законот за јавното обвинителство и не предвидува можност за политичка одговорност каква што е интерпелацијата. Тоа е така за да се гарантира функцијата јавен обвинител кој раководи со единствен и самостоен орган, независен во постапувањето и одлучувањето. И покрај тоа, на интерпелацијата ѝ се дава третман како на секоја друга постапка за одговорност на политички функционер, што покажува недоволно разбирање на подносителите за самостојноста на третата власт“, пишува Коцевски во писмениот допис до пратениците.
Државниот јавен обвинител апелира до пратениците на отфрлање на интерпелацијата која, како што вели, нема ниту еден законски основ и воопшто не би смеела да биде поднесена. Со нејзино отфрлање, додава тој, се заштитува институцијата јавен обвинител и неговата самостојност гарантирана со Уставот и законите.
На дневен ред на 64. пленарна седница се и дополнетите предлози на законите за изменување и дополнување на Законот за туристичката дејност, за внатрешни работи, за изменување и дополнување на Законот за полиција, за изменување на Законот за заштита на културното наследство, за изменување и дополнување на Законот за метрологијата, измените и дополнувањата на Законот за домување, за училишта за средно образование на верските заедници, сите во второ читање. Потоа измените на законите за библиотеките и за државните награди и измените и дополнувањата на законот за рибарство и аквакултура, во второ читање.
Пратениците на натамошно читање треба да ги проследат и Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за возила, по скратена постапка, Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за работното време на мобилните работници во патниот сообраќај и уредите за запишување во патниот сообраќај (*), во прво читање и предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, исто така во прво читање.
The post Пратениците денеска ќе расправаат за интерпелацијата на јавниот обвинител Коцевски appeared first on МКД.МК.