На критиките од опозициската СДСМ дека во една година ваучерите се прва мерка што ја донеле за младите, тој одговори дека СДСМ задоцниле седум години и оти немале ниту една мерка од ваков вид за младите луѓе.
„Премиерот ја најави мерката пред околу десет месеци и прво ја презедовме во буџетот за оваа година, бидејќи беше многу доцна да се предвиди минатата година во буџетот, а оваа година почнавме со нејзина реализација. Ова е дигитализација во пракса, затоа што не може само да дигитализираме услуги, треба им овозможиме алатки на младите. Во исто време Владата вработува специјализанти и лекари во институциите, вработува полицајци, ангажира млади луѓе во одбраната. Ние во нашето Министерство имаме нова тура на млади луѓе коишто ни се приклучуваат, на тој начин отвораме институции што се клучни за граѓаните кон младите кон новата генерација“, рече Андоновски во гостувањето на ТВ Канал 5.
Пратениците во петокот на 24 јули го донесоа Законот за издавање вредносни ваучери, со кој секој студент на државните и праватните факултети ќе добие по 250 евра за електронски уред. Согласно законот, секој студент запишан на додипломски студии до 29 години од септември ќе добие вредносен ваучер од 250 евра за да набави електронско помагало во форма на лап топ, таблет или персонален компјутер.
Андоновски истакна дека повеќе од 240 веб-страници, и домашни, а не само странски, се забранети затоа кои што никогаш не поднеле и не побарале да извадат лиценца за приредување на онлајн игри на среќа во Македонија.
„Често ме прашуваат зошто сме забраниле некоја од познатите, светски страници. Затоа што не го почитуваат македонскиот правен поредок, никогаш не ни аплицирале да добијат дозвола и не се информирале дали би можеле некако да приредуваат игри на среќа онлајн за македонски граѓани и во исто време ги злоупотребуваат податоците на граѓаните. Често тие податоци беа искористувани за продажба, нивните средства не беа безбедни и во таа насока е и забраната на нелегалните онлајн приредувачи на игрите на среќа. Ова е трет бран во кој што забранивме нови 50-на“, нагласи министерот Андоновски.
Тој информира дека Министерството за финансии подготвува нов Закон за игри на среќа со кој, како што рече, се очекува да се има една посериозна, посеопфатна рамка.
„Со новите измени на Законот ќе продолжиме со овој пристап, затоа што во ред е да постојат игри на среќа, во ред е тие да бидат забава, но тие не можат да бидат пандемија којашто претставува поголема болест и зависност од која било друга зависност во државата“, рече министерот Андоновски.