Сиљановска со членови на Советот на амбасадори за зајакнување на надворешно-политичките капацитети на Maкедонија

Како што соопшти претседателскиот кабинет, на средбата присуствувале претедателката на Советот на амбасадори Александра Наќева Ружин и амбасадорите Мухамед Халили, Љупчо Арсовски, Иљаз Сабриу, Тихомир Илиевски и Ивица Боцевски.

Тие изразиле подготвеност за соработка и поддршка на институцијата Претседател, преку утврдувањето на надворешно-политичките приоритети, независни и стручни анализи, јавни дебати, совети и консултации за меѓународните прашања.

-Со цел унапредување на македонската дипломатија, соговорниците ја потенцирале важноста од именување на кариерни амбасадори како прв избор, истакнувајќи го значењето на нивното искуство за соодветно и достоинствено претставување на земјава во светот, стои во соопштението.

Претседателката ги поздравила амбициите на амбасадорите за поттикнување на професионален дијалог за прашања од национален интерес и изразила подготвеност за натамошна комуникација. Укажувајќи дека првата слика за државата е најбитна, Сиљановска-Давкова посочи дека искуството и потенцијалот што го имаат членовите на Советот може да претставува драгоцена помош во носењето на одредени одлуки, додаваат од Кабинетот на Сиљановска – Давкова.

На средбата таа ги реафирмирала заложбите за правична застапеност на жените во дипломатијата и придобивките од формирање на Регионален центар за извонредност за жени, мир и безбедност.

Соговорниците размениле мислења за македонската надворешна политика, односите со соседите, за Преспанскиот договор и членството на државата во меѓународните организации, стои во соопштението.

INFO