Агрон Фазлији: Јас не сум мртов Албанец!

Неговата реакција ја пренесуваме во целост.
„Јас не сум мртов Албанец. Но има многу мртви Албанци – кои загинале за оваа држава.
И јас, како жив Албанец, придонесувам секој ден – онолку колку што можам – за држава што е и моја.
Не барам привилегии. Не барам милост. Барам правда, еднаквост и почит.
За тие што зборуваат за Илинден – ве молам, прочитајте го манифестот. Прочитајте за АСНОМ, за антифашистичката борба, за сите етапи на државноста. Ќе сфатите колку многу мртви Албанци дале за оваа држава.
А јас, како жив Албанец – не барам ништо повеќе од тоа што тие веќе го дале: достоинство, труд и место во оваа земја што заедно ја градиме. И токму затоа, наместо да прославуваме, наместо да се гордееме со Куманово, со реновираната сала, со успехот на градот, наместо да видиме и Албанци меѓу поканетите – граѓани, спортисти, претставници што секојдневно придонесуваат…
За жал, се создаде атмосфера на поделба, омраза и институционална тишина. Ова не е духот на Илинден. Ниту на АСНОМ. Ниту на борбата против фашизмот. Албанците биле дел од секој чекор во градењето на оваа држава – и денес не може да се исклучуваат со повици од трибините.
И едно прашање до многумина од вас што беа присутни во салата таа вечер – многумина лично ги познавам, од сите институционални ешалони, од сите соработки и партнерства. Кога ги слушнавте тие извици… помисливте ли барем за момент на вашите соработници Албанци, со кои секојдневно работите? Ви беше ли барем малку срам… или само молчевте? А потоа велите: ‘Зошто не сте присутни?’
Јас, лично, отсекогаш сум бил присутен – со гордост навивам за мојата држава. Но со вакви повици, со навреди и омраза како да се чувствувам дел од таа трибина?
Како да аплаудирам, кога срцето ми се крши?
И едно знајте добро: Јас оваа држава ја сакам повеќе од вас што скандиравте ‘клети Шиптари’. Јас моето дете го учам да ја сака оваа држава повеќе од тоа што вашите родители ве научиле да мразите. И никогаш нема да застанам да се борам за оваа земја. Затоа што јас – ја сакам. Од срце“, напиша Фазлији на својот фејсбук-профил.
INFO