„Со понизност и длабоко чувство на одговорност, ве известувам дека решив повторно да се кандидирам како независен кандидат за градоначалник на Општина Студеничани. Во текот на овие изминати мандати, со вашата континуирана поддршка и довербата што ми ја дадовте, јас и мојот професионален тим успеавме да реализираме бројни проекти што значително го подобрија животот во нашата општина. Бев посветен на работа без прекин, секогаш ставајќи ги интересите на граѓаните на прво место“, напиша Садики.
Тој потенцира дека неговата визија за иднината е јасна – да продолжи со непрекината работа во сите населени места на општината.
„Сакам да ја направам Општина Студеничани привлечно место за инвеститори од земјата и странство, преку создавање поволни услови за развој на лесната индустрија и промоција на планинскиот туризам, што е неискористен потенцијал на нашето подрачје. Иднината на Општина Студеничани е во наши раце – со посветеност, транспарентност и чесна работа, можеме да направиме уште повеќе за сите наши граѓани. Затоа, со чест и одговорност, уште еднаш ја барам вашата доверба да го продолжиме ова заедничко патување“, вели во објавата Садики.
Тој и во претходни мандати раководеше со општината. Од 2000-2005 година раководеше со Општина Студеничани, а потоа беше реизбран за втор мандат во периодот 2013-2017 година. Граѓаните на Општина Студеничани му ја дадоа довербата по трет пат за периодот 2017-2021 година. На последните локални избори одржани во 2021 година, Садики беше кандидат на Демократската партија на Албанците (ДПА).