Нејмар е во сè подобра форма, а најнов доказ за тоа е одличниот натпревар што бразилската ѕвезда го одигра ноќеска. Со два негови гола, Сантос славеше победа од 3:1 против Жувентуде во 18. коло од првенството и се оддалечи од зоната за испаѓање.
Нејмар остана на теренот до крајот на натпреварот по петти пат по ред – нешто што не му се случило уште од август 2022 година. Во истиот период, 33-годишниот напаѓач последен пат постигнал два гола на еден натпревар.
Жувентуде пристигна на „Вила Белмиро“ по четири последователни порази, но не заостануваше многу зад домаќините.
Во 37. минута, Нејмар се најде на вистинското место по една одбрана на голманот на Жувентуде, Руан Карнеиро, и одблизу го отвори резултатот. Само три минути подоцна, Алваро Бареал ја казни грешката во одбраната на Жувентуде – 2:0. Гостите, сепак, ја вратија неизвесноста уште пред полувремето со погодокот на венецуелскиот дефанзивец Вилкер Анхел.