Иницијативата Шанса за Центар упати јавен повик до граѓаните за собирање потписи за формирање на партија Независни заедно.
„Условите за наш настап на изборите како независните кандидати до ден денес не се официјално утврдени од надлежните. Големите партии прават сѐ што можат да ги елиминираат независните кандидати и активистите од изборните листи, па затоа формираме партија бидејќи тоа е единствен начин да учествуваме на изборите и гласот на граѓаните да биде слушнат во општините“, се вели во јавниот повик.
Независни заедно е граѓанска платформа која ги обединува граѓаните од различни општини – Независни за Карпош, Шанса за Центар и Зелените од Гази Баба.
„И ова е само почеток – отворени сме за сите независни групи, еко-активисти, иницијативи од локалните заедници и граѓани кои сакаат чесна, одговорна и транспарентна политика, одоздола нагоре. Функционираме по принцип на соработка, секој со своето децентрализирано, самостојно јадро.
Ова не е партија како останатите партии – ова е платформа за соработка, за слушање на гласот на граѓаните, за решенија што доаѓаат од нас самите. Ова е простор за слободни, чесни, одговорни и храбри граѓани! Граѓаните најдобро знаат кои се проблемите и предизвиците во општините во коишто живеат, па затоа промената секогаш мора да дојде од нив“, се вели во повикот за основање на партијата граѓанска платформа Независни заедно.