На локалните избори без собирање потписи ќе учествуваат и независните градоначалници и листи за советници

Кондарко се повика на членот 60 од Изборниот законик. „Согласно Уставот и Законот, секој има еднакво избирачко право да бира и да биде избран. Значи, ДИК нема право и никому не му го ускратува законското право за учество на избори. Членот 60 постои во Изборниот законик, тој е јавен и достапен за сите. Значи сите – и политички партии и коалиции и група избирачи, согласно членот 60, имаат право да учествуаат на изборите“, рече Кондарко.

Во член 60 став 1 од Изборниот законик пишува: „Право да поднесат листа на кандидати за пратеници, листа на кандидати за членови на совет, односно листа на кандидат за градоначалник имаат регистрираните политички партии самостојно, коалиции, како и група избирачи.“

Со ова толкување на Кондарко Правилникот на ДИК за регулирање на постапката за собирање потписи веќе не важи. „Ставањето вон сила на ваквиот правилник е согласно одлуката на Уставниот суд со која се укинаа членовите од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати за градоначалници и листи за советници за учество на изборите. Не се работи за никаква одлука на ДИК, туку за директна примена на законот. Упатството се става вон сила поради одлуката на Уставниот суд со кој се укинати членовите 61 и 62 на Изборниот законик за собирањето потписи, односно за процентот и бројот на потребни потписи за кандидирање на листи“, појасни Кондарко.

Во мај годинава Уставниот суд ги укина членовите 61 и 62 од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните за да учествуваат на избори. Оттогаш Собранието не успеа да ги стави на дневен ред измените во Изборниот законик.

Толкувањето на експертите е дека Изборниот законик сега не предвидува колкав број или процент на потписи е потребен за поднесување листа на кандидати.

Вчера Африм Гаши, претседателот на Собранието ги распиша локалните избори, првиот круг од гласањето за градоначалници и советници ќе се одржи на 19 октомври, а вториот круг за градоначалници ќе се одржи на 2 ноември.

INFO