Српскиот машки хор „Свети Серафим Саровски“ од Зрењанин вчеравечер беше посебно доживување за публиката на „Охридско лето“ во рамките на традиционалната Српска вечер на фестивалот.
Кристалната чистота што прозвучи од седумте грла на овој вокален ансамбл, совршено се вклопи во акустичниот сакрален амбиент на „Света Софија“. Програмската лепеза содржеше седумнаесет нумери, руски и српски, световни и духовни, далматински, а изненадување за слушателите кои ги наградија членовите на хорот со долги и бурни ракоплескања беше и изведбата на македонската народна песна „На Струга дуќан да имам“.
-Одлучивме на публиката во овој прекрасен храм да ѝ се претставиме со различна програма, пред сè, духовни композиции од руски и српски автори. Тоа е нешто што ја прави основата на нашиот репертоар, имајќи предвид дека хорот „Свети Серафим Саровски“ од Зрењанин, Србија, оваа година одбележува 35 години од постоењето. Тоа е дел од репертоарот што ние многу долго и многу често го негуваме посветено. Освен тоа, имаше и неколку обработки на руски народни композиции. Целата музика беше прилагодена на црковниот амбиент. Публиката имаше можност да слушне и две далматински клапи кои говореа за животот, љубовта, минливоста и слично. Самиот крај беше посветен на неколку обработки на српски народни песни.Сметавме дека треба да има разноликост во нашиот репертоар бидејќи знаеме дека во публиката има многу туристи кои доаѓаат од различни краишта и сакаат да слушнат нешто што е невообичаено за еден ваков мал машки хорски состав, вели диригентот на хорот „Свети Серафим Саровски“, Божидар Црњански.
Хорот „Св. Серафим Саровски“ го сочинуваат седум професионални хорски пејачи со повеќедецениско искуство, со волја и идеја наследена од првите основачи на хорот, кои на радост на публиката продолжуваат да ѝ ја даруваат убавината на хорската песна од разни жанрови и стилови – од духовни дела, преку староградски песни и популарна музика создадена за најубавиот инструмент – човечкиот глас.